30 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Со отворено писмо до јавноста, Круме Ристовски, татко на 22-годишната Теодора која во 2022 година трагично го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин, повторно ја отвори темата за селективната правда во судскиот систем. Тој вели дека неговото семејство и по донесената пресуда продолжува да живее со чувство на длабока неправда.
Четириесет и деветгодишниот возач Менсур Пајазити беше осуден на две години затвор за смртта на Теодора – казна која, според таткото, е несразмерна со загубениот човечки живот, особено ако се спореди со други случаи во земјата.
„Пред неколку дена читам дека за одземен човечки живот се изрекуваат 13 години затвор, денес слушам и 11 години. И прашувам јавно: зарем животот на мојата ќерка вредеше само две години? Барам правда. Иста правда за сите. Законите не смеат да се применуваат селективно. Солзите на еден татко во Тетово не се помалку болни од солзите на татко во Скопје. Детскиот живот нема град, нема националност, нема цена. Две години затвор за одземен живот не е порака за правда – тоа е порака дека системот не нè гледа сите еднакво“, наведува Ристовски во писмото.
Тој посочува дека по пресудата долго време молчел, но не затоа што болката поминала, туку затоа што, како што вели, „понекогаш зборовите тежат повеќе од солзите“.
„Јас сум татко на Теодора. Дете кое го загубив засекогаш. Дете кое имаше иднина, соништа и живот што не смееше да заврши така. Теодора беше одличен ученик, посветена и вредна. Беше студент на Машинскиот факултет и ѝ останаа уште само два испита за да стане машински инженер. Молчењето не значи помирување. Молчењето значи дека болката зрее. Ќе продолжам да зборувам – не од омраза, туку од љубов кон мојата Теодора и од надеж дека ниедно друго семејство нема да ја доживее оваа неправда“, порачува Ристовски.
Сообраќајната несреќа се случи во август 2022 година. На првото судење, во ноември 2023 година, по признавање вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По поднесена жалба, Апелацискиот суд ја намали казната на две години. Подоцна, Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење. На повтореното судење, одржано во април 2025 година, Пајазити повторно доби затворска казна од две години.
Случајот на Теодора повторно ја отвора јавната дебата за казнената политика во сообраќајните несреќи со смртни последици и за еднаквоста на граѓаните пред законот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

