Таткото на Фросина по пресудата: Судот штити убијци, Лорен е заштитен затоа што е син на познат скопски кафанџија
Силни емоции и разочарување го одбележаа денешниот ден пред Основниот кривичен суд во Скопје, откако беше објавена пресудата за сообраќајната несреќа во која трагично го загуби животот младата Фросина Кулакова. Возачот Васил Јованов беше осуден на 12 години затвор, што семејството на жртвата го нарече „срамна награда за брутално убиство“.
Во својата изјава пред новинарите, таткото на Фросина, Тодор Кулаков, остро ја нападна правосудната власт и целиот систем, кој според него, не ја бара вистината туку ги штити виновниците.
„Системот го штити совозачот Лорен, кој е син на познат скопски кафанџија. Ќе ги лепиме црвените крвави раце на ѕидовите на судот, за да се освести оваа неправда. Само така ќе се разбере дека ова не е судство, туку мафијашка машинерија“, рече Тодор Кулаков, пренесувајќи ја својата болка и револт.
Тој посочи дека присуството на родителите на обвинетиот во судницата било „релаксирано“ и сугерираше дека можеби однапред ја знаеле пресудата. „Дали ја знаеја казната? На претходното рочиште беа поинакви. Сега изгледаа како сè да е однапред договорено“, рече Кулаков, кој ја оцени казната како навреда за семејството и за правдата.
Посебно внимание посвети на улогата на совозачот Лорен, за кој тврдеше дека уништил клучен доказ — видео снимка направена со неговиот телефон во моментот на несреќата.
„Наместо да биде обвинет за прикривање докази и соучество, Лорен доби заштита. Неговата поврзаност со моќни луѓе му обезбеди имунитет“, истакна Тодор, додавајќи дека снимката можела да открие клучни детали за трагичниот настан.
Кулаков тврди дека не само што казната е премала, туку и другите лица кои биле во возилото воопшто не се опфатени во истрагата. „Каде се останатите тројца? Зошто не се гонеа и тие? Случајот е очигледно изместен, најверојатно поради корупција“, рече тој, најавувајќи нови протести за, како што рече, „да се истера вистината до крај“.
Семејството Кулакови останува цврсто во својот став — дека правдата не е задоволена и дека ќе продолжат да се борат, не само за Фросина, туку и за сите чии гласови се задушени од, како што го нарекоа, „мафијашкиот судски систем“.