македонија05 февруари 2025 Таткото на Фросина најави помасовни протести и бара доживотна казна за Васил
Тодор Кулаков, таткото на младата Фросина која пред недела дена загина во трагична сообраќајна несреќа, вечерва во Дневникот на Сител се заблагодари на сите граѓани кои излегоа на протестите, искажа и благодарност кон институциите и медиумите. Најави нови, помасовни протести и бара максимална казна за момчето кое ја прегази Фросина.
Изјави дека има сознанија дека Васил Јованов, кој смртно ја прегази неговата 22-годишна ќерка, се планира да го сместат во друга институција.
– Она што особено ни паѓа тешко кога нашата ќерка така еднаш свирепо е убиена, веројатно поради тоа што таков како што ни е системот ќе треба уште стопати таа да умира и ние со неа. Последно сознание кое што стигна до нас е дека сакаат таквиот монструм да го претстават дека е шекнат од болка, а тоа е бидејќи им ги земаат телефоните, не можат да комуницираат, па сакаат да го префрлат во некоја друга институција, како на пример лудница каде ќе може слободно да комуницираат, вели Кулаков.
Тој вели дека на ноќта на настанот, три часа по трагедијата на Партизанска не се појавил обвинител.
Бара и родителите на Васил да одговараат поради соучество и истакна дека неказнивоста е причинителот на вакви ситуации.
– Поради повеќето дела што ги има сторено, а на крај и заради прегазувањето на Фросина, Јованов треба да добие доживотен затвор – потенцира таткото на Фросина.
На прашање дали осомничениот Васил Јованов бил на местото на несреќата, таткото рече „не“.
– Дали е иронија на судбина или не знам што е, веројатно понатаму времето најдобро ќе покаже, тој колата откако ја согазил ќерка ми ја остава пред нашата зграда на „Партизанска“, четири трепкачи, „Партизанска“ е празна. Кутрето што го водела под кола било, но не го видовме бидејќи ноќ е. Тоа можам да ви кажам, не беше, вели тој.