Таравари: Најдобро за Алијансата за Албанците е да премине во опозиција
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, изрази став дека неговата партија треба да премине во опозиција, бидејќи таму би имала поголема слобода и можност за организација и политичко јакнење. Ова го истакна вечерта при отворањето на новото партиско седиште во Скопје.
„Не, немаме дефинитивна одлука. Но, како што гледам, довербата меѓу нас во владината коалиција е во мизерна состојба. Верувам дека овие денови ние, Алијансата за Албанците, треба да се сретнеме со премиерот, бидејќи е коректно да се разговара уште еднаш. Сепак, сметам дека АА треба да биде во опозиција и да се обиде да ја направи трката колку што е можно подобра, да се организира преку штабови и ограноци и да се стреми кон постигнување што подобри резултати“, изјави Таравари.
Иако одлуката сè уште не е донесена, тој најави дека раководството на партијата ќе има последниот збор. Овие коментари доаѓаат во време на внатрешни несогласувања во коалицијата „Вреди“, каде Алијансата за Албанците е дел од владината структура.
Во контекст на политичките актуелности, Таравари се осврна и на улогата на неговата партија во однос на Демократската унија за интеграција (ДУИ), за која рече дека е веќе на патот на реформирање, делумно и поради нивниот политички притисок.
„Алијансата за Албанците е повеќе од целата ‘Вреди’ коалиција заедно. Овој факт тие никогаш нема да го прифатат. Кога решивме да одиме со ‘Вреди’, за да донесеме промени, ја завршивме најдобрата можна работа. Секој од вас треба да биде горд што ДУИ отиде во опозиција. ДУИ мораше да оди во опозиција и добро се снајде. Ѝ дадовме можност полека да се реформира. Малку и самите се реформираа, малку и други различни чинители повлијаеа, а и ние го дадовме својот удел“, изјави Таравари.
Изјавите на Таравари укажуваат на можноста за сериозни престројувања на албанскиот политички блок во Северна Македонија и отвораат прашања за стабилноста и иднината на актуелната владејачка коалиција.