Талески: ДПМНЕ не смогна да излезе над партиските интереси за помош на Кочани
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, во синоќешното гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24, остро ја критикуваше одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не го поддржи законот за финансиска помош за настраданите во трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, а над 200 беа повредени.
„Жалам што ВМРО-ДПМНЕ не смогна сили да излезе од тесно партиските интереси и да застане зад еден закон кој има за цел единствено — помош за настраданите и нивните семејства“, изјави Талески, додавајќи дека законот не е наменет за политички поени, туку за конкретна поддршка во еден од најтешките моменти за градот.
Предлог-законот, како што објасни Талески, предвидува финансиска помош од 1,5 до 5 милиони денари за повредените, во зависност од степенот на инвалидитет, платено отсуство од работа во траење од шест месеци за семејствата на настраданите, како и поддршка за учениците кои поради трагедијата отсуствуваат од настава.
Тој апелираше до пратениците, вклучително и оние од опозицијата, да не гледаат на законот низ призма на политички профит. „Не треба да има политичко надмудрување. Поддршката за овие граѓани е потребна час поскоро. Законот може да се доработи преку амандмани, но суштината мора да се поддржи“, додаде Талески.
Во емисијата, Талески директно му се обрати на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани, Миле Левков, прашувајќи го дали може да им погледне во очи на сопствените сограѓани откако не го поддржал законот. „Безобразно е да седите во Собрание, да се предлага закон за вашите сограѓани, а вие да молчите. Беше потребна само мала човечка доблест да се поддржи законот“, нагласи Талески.
Во врска со истрагата за трагедијата, Талески потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина, без разлика на нејзиното темпо. „Џабе декларативни заложби од ВМРО-ДПМНЕ. Ја пропуштија шансата граѓаните да им веруваат“, заврши Талески.
Законот останува во собраниска процедура, а јавноста со внимание ги следи чекорите на политичките чинители, надевајќи се дека помошта за настраданите нема да стане жртва на политички калкулации.