Талески: Бараме транспарентност и одговори за заемот од 6 милијарди евра
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, во синоќешното гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24 упати остри критики кон Владата заради, како што рече, целосна нетранспарентност околу најавениот заем од 6 милијарди евра од Велика Британија – едно од најголемите задолжувања во историјата на државата.
Талески истакна дека СДСМ нема дилеми околу поддршката за стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, но дека делот со заемот е целосно нејасен и бара итни одговори. Според него, јавноста е лишена од какви било информации во врска со овој заем, а Владата има обврска да објасни за што ќе се користат парите, под кои услови се земаат и какви обврски ќе има државата кон кредиторот.
„За заем од 6 милијарди евра граѓаните немаат ниту една официјална информација – ниту од премиерот, ниту од вицепремиерот. Ова отвора простор за шпекулации и загриженост. Бараме да се соопштат сите детали – каматните стапки, роковите за отплата, и најважно, за што точно ќе се употребат овие средства“, порача Талески.
Тој потсети дека во изминатите 10 месеци, откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, Македонија веќе се задолжила во странство за една милијарда евра, а во домашните банки за над 600 милиони евра. Овие податоци, според него, дополнително го зголемуваат сомнежот и потребата за јавна отчетност.
„Ова не е партиско, туку државно прашање, прашање на иднината на генерациите. Владата мора да објасни како ќе се отплаќа овој заем, и што точно значи за македонската економија и граѓаните“, заклучи Талески.