13 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во период кога односите меѓу Скопје и Софија бележат нова динамика и институционално приближување, претседателот на Здружението Македонско-Бугарско пријателство, Столе Велков, порачува дека иднината на двете земји е во соработката, а не во поделбите. Неколку месеци по преземањето на раководната функција, тој говори за личната мотивација, активностите на здружението и за улогата на Бугарија како клучен сојузник на Македонија на евроатлантскиот пат.
Столе Велков е дипломиран политиколог на Софиски Универзитет „Св. Климент Охридски“ и долгогодишен член на Здружението, на кое му се приклучил во 2015 година. Неговата професионална и лична биографија, како што вели, природно ја отсликува поврзаноста меѓу Македонија и Бугарија.
Роден во Кочани, а професионално оформен во Софија, Велков изминатите години ги минува на релација меѓу двете држави. Пред да биде избран за претседател, бил дел од управувачкиот совет на здружението, активно вклучен во креирањето и спроведувањето на неговите програми.
Основната мисија на Здружението Македонско-Бугарско пријателство е општествено и културно зближување на двете, како што ги нарекува, „најблиски земји на Балканот“. Активностите опфаќаат иницијативи за соработка, културна размена и јавни настани насочени кон градење доверба меѓу граѓаните од двете страни на границата.
Велков нагласува дека потпишувањето на Договор за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија претставува пресвртница. Според него, принципите за кои здружението се залагало со години – добрососедство, соработка и надминување на историските недоразбирања – денес се вградени и во официјалната државна политика.
Неговиот личен мотив за преземање на лидерската позиција е, како што вели, градењето пријателства и контакти како основа за напредок. „Како млад човек сакам да градам иднина, а не да бидам заробеник на предрасудите од минатото“, истакнува тој, посочувајќи дека животот и студирањето во Бугарија му донеле бројни пријателства и позитивни искуства.
На прашањето како да се доближат двете земји до своите граѓани, Велков смета дека нема потреба од дополнителни убедувања. Според него, актуелните односи меѓу Скопје и Софија се меѓу најдобрите во последните години, а контактите што ги воспоставило здружението се доказ за искрената комуникација меѓу луѓето.
Тој оценува дека блискоста меѓу двата народа се темели на заеднички фолклор, традиција, култура и обичаи. Од друга страна, и предизвиците се идентични: животниот стандард, иселувањето и намалувањето на наталитетот.
„Иднината е во заедништвото, а не во поделбите“, порачува Велков, додавајќи дека отпорот кон македонско-бугарското пријателство најчесто произлегува од предрасуди и стереотипни сфаќања.
Во контекст на интеграцијата во европските и евроатлантските структури, Велков е дециден: Македонија нема и нема да има поголем сојузник од Бугарија. Тој потсетува дека Софија била првата што ја признала независноста на Македонија и дека континуирано го поддржувала нејзиниот развој и интегритет.
Дополнително, како пример за поддршка ја наведува и заложбата на Бугарска Православна Црква во процесот поврзан со автокефалноста на Македонска Православна Црква-Охридска архиепископија.
Според него, поддршката од Бугарија не е само прашање на историска и културна блискост, туку и на јасен геостратешки интерес.
На крајот, Велков испраќа порака за отвореност и инклузивност. Здружението е подготвено за соработка со сите граѓани, без разлика дали ја поддржуваат неговата мисија или имаат резерви.
Во план е проширување на мрежата со отворање нови канцеларии во Берово, Виница и Радовиш, како и интензивирање на активностите на постојните ограноци. Целта е идеите за соработка и пријателство да допрат до што поголем број луѓе и да се надминат стравовите и недовербата.
„Мораме да работиме на тоа граѓаните да ги запознаат нашите идеи и сами да се уверат дека во нив нема ништо од што треба да се плашат“, порачува Велков, повикувајќи на активно учество, нови идеи и заеднички проекти што ќе ја продлабочат соработката меѓу Македонија и Бугарија.
Бугарското собрание го ратификуваше Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

