14 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Минималната плата во државата треба да се утврди преку договор меѓу работниците и работодавачите, а Владата ќе го поддржи секое решение што ќе произлезе од таков договор. Ова го изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во емисијата „Топ Тема“.
Стојаноски посочи дека Владата веќе ги исполнила своите обврски кон јавниот сектор, нагласувајќи дека најголемиот дел од државната администрација има склучено колективни договори.
„Не сме рекле дека минималната плата треба да порасне согласно законот, туку дека ќе порасне како што ќе се договорат работодавачите и работниците. Сè што ќе се договорат овие две страни ние ќе го поддржиме и ќе го испочитуваме“, изјави Стојаноски.
Според него, најважно е платата што ќе се договори да биде реално исплатлива за компаниите. Тој предупреди дека нагло зголемување на минималната плата може да создаде економски притисоци и негативни последици на пазарот на труд.
Стојаноски потсети дека во минатото имало два случаи кога минималната плата била зголемена со поголем процент, односно за 19 и 20 проценти. Според него, таквите покачувања предизвикале таканаречен „апсорпционен ефект“, при што државата морала одреден период да го амортизира економскиот удар. Во тие случаи, платата во следните две години растела само за околу еден процент, а дел од зголемувањето било субвенционирано од Владата.
Тој нагласи дека барањето за минимална плата од 600 евра претставува зголемување од околу 41 процент, што според него може да предизвика сериозни економски последици.
„Ако платата се зголеми за 41 процент, може да дојдеме до ситуација наместо да им се зголемат примањата на работниците, дел од нив да останат без работа“, рече Стојаноски.
Како можни причини за тоа ги наведе три фактори: компаниите можеби нема да можат финансиски да го издржат таквото зголемување, можно е дополнително зголемување на инфлацијата, а дел од работодавачите би можеле да се префрлат во неформалната економија.
Тој повтори дека Владата ќе го поддржи секој договор што ќе биде постигнат меѓу работодавачите и синдикатите.
Стојаноски истакна и дека е неопходен дијалог меѓу сите засегнати страни, бидејќи барањето за минимална плата од 600 евра се базира на формула креирана во 2022 година, кога инфлацијата била значително повисока отколку денес. На ова се согласи и Трендафилов, кој посочи дека Сојузот на синдикати на Македонија подолг период бара разговори за ова прашање.
Филипче: Мицкоски е чувар на столчето за враќање на вистинскиот шеф – Груевски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

