Српски режисер: Црквите на МПЦ се српско културно наследство
Последното интервју на српскиот режисер и политичар Драгослав Бокан за телевизијата К1 отвора сериозни прашања за начинот на кој Србија и Српската православна црква (СПЦ) ја гледаат Македонија и Македонската православна црква (МПЦ).
Во разговорот, Бокан јасно укажа дека признавањето на МПЦ од страна на СПЦ не било чин на искрено прифаќање на македонската самостојност, туку дел од поширока геополитичка тактика, поддржана од Руската православна црква. Според него, целта била СПЦ да ја зачува својата улога како "мајка црква" на Македонците и да го осигура дека средновековните цркви и манастири во Македонија ќе останат запишани како српско духовно наследство.
Ваквите зборови, иако кажани во српска јавност, директно го потценуваат македонскиот идентитет и црковната борба која траеше со децении. Бокан всушност кажува дека признавањето на МПЦ било резултат на меѓуцрковна битка меѓу Москва и Истанбул, а не на искрено разбирање или почит кон македонскиот народ и неговата вера.
Особено провокативна е неговата изјава дека „ние им ги даваме нив на користење“, зборувајќи за македонските цркви, што јасно укажува на ставот дека тие никогаш навистина не ни припаѓале. Овој пристап е спротивен на принципите на почитување на духовниот и културниот суверенитет на Македонија.