Српски историчар: Бугарите од ВМРО го подигнале Илинденското востание
српскиот историчар др Владимир Вучковиќ го постави прашањето за историската ревизија и политичкото бришење на поимот „Стара Србија“ во периодот по Првата светска војна, особено под комунистичката власт во Југославија. Според него, клучен момент за разбирање на овој процес е Илинденското востание од 1903 година, за кое тој недвосмислено нагласува дека било подигнато од Бугарите, и тоа преку бугарската револуционерна организација ВМРО.
„ВМРО беше бугарска организација, а Илинденското востание го подигнаа Бугарите“, подвлекува др Вучковиќ, потенцирајќи дека ваквите факти денес често се игнорираат или свесно се прикриваат во современите интерпретации на историјата на Балканот.
Историчарот го истакнува и историскиот континуитет на поимот „Стара Србија“ во српската политичка и културна јавност, особено меѓу социјалистите и интелигенцијата на почетокот на 20 век. Како пример го наведува социјалдемократот Драгиша Лапчевиќ, кој во 1903 година во своите манифести и написи во работничките весници ја споменува „Стара Србија“, не само како географски поим, туку и како можен субјект на идната федерација на ослободени балкански народи.
Сепак, со доаѓањето на комунистичката власт по 1944 година, според Вучковиќ, оваа историја и поимологија целосно исчезнува. „После 1918 година, а особено во комунистичка Југославија, Стара Србија речиси комплетно исчезнува од јавниот дискурс. Се создаваат нови нации, нови идентитети, нови цркви“, вели тој.
Како илустративен пример за ова историско бришење, Вучковиќ го споменува случајот на Григорије Божовиќ, еден од најпознатите писатели кои се занимавале со Стара Србија. Божовиќ бил убиен во 1945 година, а неговите дела биле забранети со децении. Дури неодамна дошло до негова рехабилитација, што според Вучковиќ сведочи за долгогодишната политичка репресија врз српското културно наследство поврзано со Стара Србија.
Изјавата на др Владимир Вучковиќ отвора важни прашања за односот меѓу историјата и идеологијата, и повикува на ново преиспитување на наративите кои ја обликуваат балканската меморија, идентитетот и современата историографија.