22 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство во Гевгелија отвори истражна постапка против државјанин на Република Србија, кој се сомничи дека на 19 ноември, во раните утрински часови, предизвикал тешка сообраќајна несреќа со смртни последици на регионалниот пат Валандово–Дојран.
Осомничениот управувал товарно возило Мерцедес, сопственост на транспортна фирма од Србија, натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија. Според Обвинителството, тој се товари за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, предвидено во член 300 став 4 во врска со член 297 од Кривичниот законик.
Од обвинителството информираат дека возачот не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот. Наместо да го држи возилото блиску до десниот раб и да ја приспособи брзината кон условите на патот, тој ја изгубил контролата, по што камионот излетал од коловозот, преминал на банкината и се превртел на десната страна.
Во полуприколката на товарното возило, според наодите, се превезувале и 10 кинески државјани. Во превртувањето животот го загубиле 35-годишна жена и еден маж, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди.
Имајќи предвид дека осомничениот е странски државјанин и постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и сериозноста на делото и последиците од несреќата, јавниот обвинител поднесе предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија за определување мерка притвор.
Паралелно со постапката, Обвинителството презема дополнителни дејствија за утврдување дали во случајот постојат елементи на кривично дело – криумчарење мигранти, со оглед на тоа што кинеските државјани биле пронајдени во товарниот дел на возилото.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

