македонија19 февруари 2025 Спасовски: Власта нема план како да им помогне на граѓаните, па прави дефокус со менување на грбот
СДСМ поднесе законски решенија за намалување на ДДВ-то за струјата на 5% и укинувањето на ДДВ за храна, со што ќе им се помогне на граѓаните да се соочат со растот на цените. Евидентно е дека владата нема никаков план и не презема ништо за да се соочи со вистинските проблеми на граѓаните, и наместо да ги решава егзистенцијалните теми, тие отвораат нова тема, за менувањето на грбот, со цел да ја покријат темата за која немаат ниту план ниту решение, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на гостувањето во вестите на Алсат телевизија.
– Владата нема никаков план за растот на цените, нема план како треба да растат платите, нема ниту план за реформи во правосудството. И во моменти кога нема план, а немаат план за ништо, владата отвора тема која ќе ги заинтригира граѓаните и за која ќе се зборува, само за да се направи дефокус од вистинските теми. СДСМ има јасен став дека не треба да има промена на симболите на државата, ниту на грбот, ниту на химната, затоа што има поважни прашања кој треба да се решат, а тоа е стандардот на граѓаните и економијата, рече Спасовски.
Тој потенцираше дека СДСМ е исклучиво против менувањето на грбот затоа што, оваа држава е создадена на темелот на НОБ и антифашизмот и овој грб кој сега го имаме ги отсликува сите атрибути на државата и граѓаните кои живеат.
– Власта нека се насочи кон темите за животниот стандард и иднината. А, не кон овие теми. СДСМ поднесе законско решение, и ја повика власта да го прифати. Решение со кое ќе им се помогне на граѓаните да се соочат со растот на цените на храната и струјата. СДСМ има кредибилитет за вакви мерки, затоа што кога бевме на власт ја зголемивме минималната плата, ја субвенциониравме струјата и уште низа други мерки за помош на граѓаните. Наместо темата за менување на грбот, владата нека се позанимава со граѓаните и нивната егзистенцијата, рече Спасовски.