18 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Собранието на Република Северна Македонија попладнево со 65 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“ ги усвои предлог-законите за измени и дополнувања на повеќе клучни закони, неопходни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Законите беа донесени по скратена постапка.
Станува збор за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Овој законски пакет претставува основа за целосна имплементација на системот „Безбеден град“, кој има за цел унапредување на сообраќајната безбедност и поефикасно санкционирање на прекршоците.
Претходно во текот на денот, Собраниската комисија за одбрана и безбедност ги разгледа и ги проследи измените на Законот за полиција, како и измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со што се отвори патот за нивно усвојување на пленарна седница.
Како што беше најавено од надлежните институции, од 1 февруари ќе започне и практичната примена на системот, односно казнувањето за сообраќајните прекршоци регистрирани преку „Безбеден град“.
Во рамки на подготовките за стартот на системот, Министерството за внатрешни работи отвори и посебен шалтер наменет за „Безбеден град“, каде што граѓаните ќе можат да ги ажурираат своите контакт информации. Оваа мерка има за цел да обезбеди навремено и точно информирање на учесниците во сообраќајот во врска со евентуални прекршоци.
Со усвојувањето на овој законски пакет, институциите очекуваат значително подобрување на сообраќајната дисциплина и зголемување на безбедноста на патиштата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

