23 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Собранието денеска со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со донесувањето на законските измени се отвора патот за официјален почеток на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ („Сејф сити“), кој треба да стартува од 1 февруари.
По барање на координаторката на пратеничката група на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето се одвиваше номинално, односно секој пратеник поединечно го искажа својот став. За усвојување на Законот беше потребно двотретинско мнозинство, кое беше обезбедено.
Со измените и дополнувањата се предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно детектирање и санкционирање на прекршителите, според предлагачите, треба да придонесе за поголема генерална превенција и намалување на сообраќајните несреќи.
Законот овозможува примена на современи технологии за автоматска детекција на прекршоците и поефикасно спроведување на постапката за нивно санкционирање. Во првата фаза од имплементацијата, системот ќе регистрира прекршоци како што се пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во наредниот период е предвидено проширување на листата на прекршоци што ќе се евидентираат автоматски.
Откако системот целосно ќе биде ставен во функција, сопствениците на возилата кај кои ќе биде утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање записник со платен налог. Плаќањето ќе може да се изврши електронски, а при навремено подмирување на обврската нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За прекршоци за кои е предвидена и заштитна мерка забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
Покрај ова, во рамките на 76. седница, Собранието го разгледува и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди во прво читање. Денеска се одржуваат и продолженија на две пленарни седници, при што на 81. седница на дневен ред остануваат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полицијата, двата по скратена постапка.
На дневен ред на 20. седница е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, кој се разгледува во прво читање.
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

