24 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Скопје повторно се соочува со сериозен проблем со отпадот. Само неколку дена по првиот изборен круг, главниот град на Северна Македонија е преполн со ѓубре. Насловите во македонските медиуми се остри и иронични: „Скопје – европска престолнина на ѓубрето“, „Изборите завршија, проблемите со ѓубрето остануваат“, „Неиѕбраните градоначалници до лакти во ѓубре“.
Контенјерите во повеќе скопски населби се преполни, а улиците и пешачките патеки околу нив се затрупани со отпадоци. Граѓаните реагираат бурно на социјалните мрежи и бараат итно решение за хигиенската катастрофа што го зафати градот.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ со денови, а според некои жители и со недели, не ги празни контејнерите. Планини од ѓубре се натрупуваат секојдневно, а дури и ако некој контејнер биде испразнет, веќе следниот ден повторно е преполн. Сликата на нечистотија и запуштеност станува секојдневие за скопјани.
Проблемот со отпадот се појави уште пред првиот круг на локалните избори и стана тема на предизборните кампањи. Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Георгиевски, кој освои најмногу гласови на првиот круг на 19 октомври, најави дека ќе го исчисти градот за 72 часа штом ја преземе функцијата.
Од друга страна, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, кој оди во втор круг на 2 ноември, изјави дека во Скопје се случува „еколошка катастрофа“. Тој обвини дека „Комунална хигиена“ пет дена не ги собирала отпадоците од улиците и побара итен состанок со Здружението на општини за изнаоѓање решение.
Во општина Аеродром, пак, властите тврдат дека екипите секојдневно работат на терен и спроведуваат есенска акција за собирање на крупен отпад која ќе трае до 16 ноември.
Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, на својот „Фејсбук“ профил обвини дека ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокира чистењето на градот, тврдејќи дека нивниот персонал во „Комунална хигиена“ не ги извршува обврските.
Во јавноста кружат и различни коментари од граѓани. Едни тврдат дека „ѓубре се носи од други општини“, други пак дека „ова е политичка саботажа против ВМРО-ДПМНЕ“, за да не се исполни ветувањето на Георгиевски дека ќе го исчисти градот за 72 часа.
Поради влошената состојба, владата ја разгледала кризата на посебна седница и наложила на Министерството за внатрешни работи и градскиот инспекторат да спроведат истрага за работата на „Комунална хигиена“ – Скопје и на градоначалничката Арсовска. Несобирањето на отпадот, како што наведоа, претставува закана за јавното здравје.
Балотажата за градоначалник на Скопје и неколку скопски општини ќе се одржи на 2 ноември. Граѓаните, меѓутоа, со право се прашуваат – кој и кога конечно ќе го исчисти градот?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

