18 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Скопјанецот Игор Јуруков преку објава на социјалните мрежи сподели искуство со системот „Безбеден град“, тврдејќи дека бил неправедно казнет за сообраќаен прекршок што не го сторил. Според него, целиот процес на докажување на невиноста траел шест дена и вклучувал повеќекратни одења по институции, административни пречки и неизвесност околу роковите за плаќање.
Проблемот започнал кога добил записник за пречекорена брзина. Убеден дека не го сторил прекршокот, Јуруков веднаш започнал процедура за поднесување жалба.
Вториот ден се упатил на шалтерот на „Сејф сити“ во МВР, зад зградата на МТВ, но таму бил информиран дека жалбите не се поднесуваат на таа локација и дека треба да се обрати во полициска станица. Во полициската станица, пак, му било кажано дека за жалби поврзани со „Сејф сити“ треба да оди во Прекршочниот суд.
Во судот добил насоки како да ја поднесе жалбата во два примероци, но се појавил нов проблем – возилото било службено, во сопственост на неговата фирма. За да продолжи постапката, требало да даде изјава во МВР дека токму тој управувал со возилото, за што му побарале патен налог или полномошно со печат и потпис.
Третиот ден, со комплетирана документација, повторно се вратил во полициската станица. Таму, како што наведува, службено лице пријателски го советувало да ја плати казната со 50% попуст додека рокот сè уште важи, со образложение дека „нема шанси Сејф сити да згреши“. Јуруков одбил и инсистирал да поднесе изјава.
Му било кажано дека ќе добие нов записник – овојпат на негово име – преку СМС и електронска пошта. Сепак, следниот ден не добил никакво известување, па повторно се упатил во полициската станица, каде што му било соопштено дека треба да почека уште неколку дена.
Во меѓувреме истекувал осмиот ден од рокот, по кој следува дополнителна наплата или присилна извршна постапка. Загрижен поради можните последици, петтиот ден повторно заминал во полициската станица и инсистирал да добие информација за статусот на случајот. По интервенција, бил известен дека предметот е ставен во процедура, а два часа подоцна навистина добил нов записник со нов датум.
Шестиот ден со целосната документација се упатил во Прекршочниот суд. Иако претходно му било кажано дека се потребни две копии од жалбата, на шалтер му побарале три. По уште едно враќање и дополнително копирање, конечно една од копиите му била заверена и останала кај него како доказ за поднесена жалба.
На прашањето дали со тоа се стопира рокот од осум дена, добил неодреден одговор.
„Шест дена шетање по институции, понекогаш и по неколку пати во ист ден“, напиша Јуруков, оценувајќи го процесот како „патешествие“. Тој изрази надеж дека судот ќе ангажира стручно лице од областа на сообраќајот, бидејќи, според него, случајот е лесно докажлив, но укажува на сериозен проблем во функционирањето на системот.
Посебно ја критикуваше административната процедура, наведувајќи дека системското решение за вакви жалби е застарено и се темели на хартиена документација, копии и физичко присуство на шалтери.
Случајот отвора прашања за ефикасноста и транспарентноста на процесите поврзани со системот „Безбеден град“, како и за потребата од поедноставување и дигитализација на постапките за жалба.
Вучиќ предупредува на напади од сите страни — дали Белград се плаши од Бугарија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

