11 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Јавното здравство во Македонија во последната деценија бележи алармантен тренд – трошоците растат, а услугите се намалуваат. Според новото истражување на Центарот за граѓански комуникации насловено „Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“, вредноста на јавните набавки во здравствениот сектор е зголемена два и пол пати, од 126 милиони евра во 2015 година на над 315 милиони евра во 2024 година, додека бројот на здравствени услуги бележи пад.
И покрај огромниот раст на трошоците, јавните здравствени установи пружаат сè помалку услуги. Анализата покажува дека во периодот 2015–2024 година, бројот на прегледи во 55 клиники и болници е намален за 14%, а бројот на болнички денови – за 24%.
Падот е особено изразен кај специјалистичките прегледи, кои во последните три години се намалиле за 19%, односно речиси 700.000 прегледи помалку. Во одделите за гинекологија, акушерство и трансфузиона медицина, услугите се намалени за повеќе од 60%.
Центарот укажува дека голем дел од тендерските постапки се спроведуваат со само еден понудувач, што го намалува натпреварувањето и ја зголемува можноста за корупција. Речиси половина од вредноста на сите договори е склучена во вакви услови.
Посебен проблем претставуваат набавките на реагенси и тестови, кои достигнуваат до 29 милиони евра годишно и се зголемиле за 81% во анализираниот период. Истражувањето открива дека тендерите за овие материјали често се само формалност, бидејќи апаратите за кои се купуваат реагенсите се претходно избрани – како донации или преку договори со истите фирми што ги продаваат реагенсите.
И кај тендерите за инсулин и дијабетска опрема се забележува значителен раст на трошоците – договорите вредни до 39 милиони евра се спроведуваат без конкуренција и често се анексираат. Иако бројот на пациенти на инсулинска терапија се зголемил за 21%, вредноста на договорите пораснала за 77%. Истовремено, програмите за обезбедување инсулин се сè покуси, а јавноста нема редовен увид во нивната реализација.
Трошоците за лекови за ретки болести во последната деценија се зголемиле од 1,5 милион на 19 милиони евра. И покрај ова, Министерството за здравство нема целосни податоци за ефектите од терапиите, бидејќи во повеќето случаи не се врши евалуација на резултатите, како што налага Програмата за лекување ретки болести.
Истражувањето открива дека во 23 од 110 здравствени институции нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки – што е спротивно на Законот. Недостигот од стручен кадар, како и непостоењето на национален систем за материјално-финансиско работење, создаваат простор за злоупотреби и неефикасно трошење на јавните пари.
Без ефикасен надзор и отчетност, големите износи вложени во јавните набавки не се претвораат во подобра здравствена заштита за граѓаните.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации испраќа јасна порака – македонското јавно здравство се соочува со раст на трошоците без соодветен квалитет и квантитет на услугите. Се потребни итни системски промени: поголема транспарентност, засилен надзор, професионализација на набавките и јасна одговорност во трошењето на јавните средства, за да се обезбеди здравство што навистина служи на граѓаните.
Денес ја славиме Света Анастасија – жената што не се уплаши ни од меч ни од маки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

