Скандинавскиот асфалт во Битола се распадна по само 20 дена: Советникот Иван Чулакоски со остри критики до локалната власт
Скандал со новоасфалтираната улица „Бурса“ во Битола – само 20 дена по завршувањето на работите, асфалтот почна буквално да се распаѓа. Советникот во Советот на Општина Битола, Иван Чулакоски, објави кратко видео во кое јасно се гледа како слојот од асфалт, дебел само неколку сантиметри, се рони при најмал допир со рака.
„Замислете што ќе се случи ако по него помине потешко возило“, изјави Чулакоски на терен, истакнувајќи ја лошата изведба и недостатокот на квалитет во инфраструктурните зафати. Тој додаде дека видеото е снимено веднаш по завршувањето на денешната седница на Советот, откако на социјалните мрежи се појавија реакции од загрижени граѓани.
Улицата „Бурса“, позната и како индустриска зона, беше промовирана како еден од примерите за „модерен скандинавски“ пристап во инфраструктурата. Градоначалникот претходно на своите профили на социјалните мрежи се фалеше со асфалтирањето, но реалноста на теренот ги разочара жителите.
„Ова ли е квалитетот што ни го најавуваа?“, прашуваат граѓаните, барајќи одговорност и објаснување за средствата потрошени за проектот кој веќе покажува знаци на пропаст.
Од општината сè уште нема официјален одговор за случувањата, ниту најави за реконструкција. Граѓаните и опозициските претставници бараат итна ревизија на изведбата и одговорност од надлежните.