02 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Иако во јули годинава граѓаните издвоиле повеќе пари за храна и пијалаци во споредба со истиот месец минатата година, реално купиле помалку производи. Ова го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои уште еднаш ја потврдуваат силната инфлација и нејзиното влијание врз куповната моќ на населението.
Според официјалната статистика, прометот во групата „Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун“ во јули 2025 година номинално (во пари) е зголемен за 7,2%. Но, кога ќе се исклучи ефектот на повисоките цени, реалниот промет – односно количината на купени производи – бележи пад од 0,4%. Тоа значи дека потрошувачите се соочуваат со класичен парадокс: плаќаат повеќе, но носат помалку од продавниците.
Уште поголем пад се бележи кај непрехранбените артикли. Во категоријата „Трговија на мало со непрехранбени продукти (освен гориво)“ е регистриран реален пад на прометот од дури 6,6%. Овој тренд укажува дека граѓаните ги намалуваат трошоците за сè што не е основна животна потреба, што дополнително ја отсликува економската неизвесност и стегнатите семејни буџети.
Ако се погледне вкупната трговија на мало (без горива), таа во јули бележи номинален раст од 2,4%. Но, реално има пад од 3,4%. Тоа е јасен индикатор дека номиналните бројки можат да дадат илузија за економски раст, додека во реалноста граѓаните купуваат помалку и се воздржуваат од непотребни трошоци.
Интересно, единствен позитивен сегмент во јулската статистика е продажбата на горива. Во споредба со јули 2024 година, прометот кај автомобилските горива реално пораснал за 2,2%. Ова значи дека граѓаните купувале и возеле повеќе. Сепак, номиналниот промет е намален за 5,1%, што јасно покажува дека цените на горивата биле значително пониски од лани. На потрошувачите ова им овозможило да купат повеќе литри за помалку пари.
Податоците јасно ја отсликуваат состојбата со домашната економија: инфлацијата ги јаде приходите на граѓаните, а реалната потрошувачка опаѓа. Иако официјалните бројки за промет на прв поглед изгледаат позитивно, анализата покажува дека зад номиналниот раст се крие сурова реалност – повеќе пари се трошат, а помалку стоки се добиваат. Единственото олеснување доаѓа од пониските цени на горивата, кои им оставија малку простор за полесно движење и транспорт.
Македонската младина сака европска иднина: 69% поддржуваат членство во ЕУ
Две години затвор за Љамалари поради напад врз градоначалничката Арсовска
Голем успех за бугарските ученици на Меѓународната олимпијада по англиски јазик
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден