12 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Синдикатот на културата поднесе кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, обвинувајќи го за злоупотреба на службената должност и повреда на правата на вработените во културниот сектор.
Според претседателката на Синдикатот, Вера Атанасовска, министерот со инструкции испратени преку електронска пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и да ги девалвира колективните договори. Таа истакна дека повеќе од 800 тужби веќе се поднесени од работниците во културата, а дел од нив веќе имаат и правосилни судски одлуки во корист на вработените. Синдикатот најави и можни кривични пријави против директорите на културните институции.
„Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за правата на работниците, денес е симбол на нивното кршење. Тој направи нешто што во правна држава не би смеело да се случи. Со инструкции испратени по електронска пошта и со документ што самиот го подготви и потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги обезвреди колективните договори. Еден е-мејл или упатство не е закон, а министер не е над законот“, изјави Атанасовска.
Од друга страна, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ги отфрли обвинувањата на синдикатот, оценувајќи ги како неосновани. Тој посочи дека во сила е Општиот колективен договор за јавниот сектор, а вработените во културата имаат и секторски колективен договор со кој е утврден начинот на пресметка на платите.
„Општиот колективен договор предвиде зголемување од 10 проценти на платите во јавниот сектор од септември 2023 година. За усогласување, Министерството за култура понуди анекс на колективниот договор, кој синдикатот го одби. Денес слушнавме дека такво нешто не било понудено, но документот го имам со мене. Сега синдикатот бара пресметка на платите на начин што не е во согласност со законот“, изјави Љутков.
Според министерот, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор за пресметка на основната бруто плата изнесувала 36.037 денари. Синдикатот, пак, барал пресметката да се врши врз основа од 39.641 денар, што, како што вели Љутков, би ги ставило вработените во културата во поповолна позиција во однос на другите вработени во јавниот сектор и би било спротивно на законски утврдената минимална плата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

