Шукова: За Кочани мора да има неселективна правда – сите надлежни да бидат опфатени со истрагата
Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека трагичниот настан во Кочани бара целосна, темелна и пред сè – неселективна истрага. Таа апелираше дека мора да бидат опфатени сите одговорни лица, вклучително и оние кои во моментот на настанот извршувале функции во Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, без оглед дали станува збор за кадар во Кочани или Штип.
„Не смееме да дозволиме истрагата да биде еднострана. Не е нормално прво да не бидат повикани токму оние кои биле директно надлежни за безбедноста – на државата, на објектот и на младите кои биле во него таа вечер,“ рече Шукова.
Таа потенцираше дека целта не е политизирање на трагичниот случај, туку обезбедување правичност и отчетност. „Не сакаме политички да се злоупотреби оваа трагедија. Но, сакаме да видиме дека одговорност ќе сносат и оние кои биле на функција во моментот на трагедијата, не само оние од минатото,“ додаде таа.
Во врска со Анкетната комисија што се формираше по трагедијата во Кочани, Шукова истакна дека таа треба да остане како механизам за доближување на вистината до јавноста, но предупреди дека не смее да се користи за политичка злоупотреба.
„Анкетната комисија треба да помогне во разјаснување на настаните, но мора да се употреби на вистински начин. Граѓаните се сведоци како ДПМНЕ ја злоупотребуваше ваквата комисија во случајот со Онкологија – се криеја извештаи, документи,“ рече Шукова, алудирајќи на пратеничката Мизрахи. Таа нагласи дека претседателот Филипче потврдил дека документите биле навремено доставени, но не биле земени предвид.
Шукова повтори дека СДСМ остава простор за работата на истражните органи, но очекува истрагата да биде правична и еднакво да ги третира сите инволвирани, без оглед на нивната политичка или институционална позиција.