19 јануари 2026
• од Гоце Кически
Во бугарскиот град Бургас, во квартот Ветрен, деновиве заврши необична и симболична приказна за еден штрк кој повеќе од еден месец преживувал во тешки зимски услови. Приказната го привлече вниманието на јавноста не само поради спасувањето на птицата, туку и поради моментот што многумина го опишуваат како речиси чудесен – штркот сам влегол во болнички параклис и застанал пред икона.
Птицата, која подоцна го доби името Антон, со недели се движела низ населениот дел на Ветрен. Иако била активна и способна да лета, таа не дозволувала луѓето да ѝ се приближат. Обидите да биде фатена биле неуспешни, бидејќи штркот секогаш одлетувал на безбедно растојание. Во тој период немало јасни знаци дека е сериозно ослабен или повреден.
Ситуацијата се променила кога птицата почнала да се движи меѓу луѓето и автомобилите по главните улици, со што директно го загрозила сопствениот живот. Токму тогаш се случил клучниот момент: штркот влегол во параклисот на болницата „Дева Марија“ во Ветрен и застанал пред иконата на „Вера, Надеж и Љубов“, вперувајќи го погледот кон неа.
Овој неочекуван чин овозможил конечно да му се пријде. Старшата медицинска сестра во болницата, која прва го забележала штркот во параклисот, останала покрај него и побарала помош од надлежните служби. До нивното пристигнување, птицата била згрижена и нахранета.
Според ветеринарните асистенти, Антон е во стабилна и добра општа состојба. Планирано е тој да биде транспортиран во Спасителниот центар за диви животни во Стара Загора, каде што ќе презими под постојан надзор. Таму специјалисти ќе проценат дали на пролет ќе може повторно да се врати во природата.
Името Антон не е случајно – штркот бил спасен на Антоновден, што дополнително ѝ дава симболична димензија на целата приказна. За многумина, моментот кога птицата сама влегла во параклис и застанала пред иконата останува највпечатливиот дел од настанот, како тивок повик за помош што бил навреме разбрано.
По недели неизвесност, штркот Антон сега е на сигурно. Зимата ќе ја помине под грижата на стручни лица, а на пролет ќе се знае дали ќе добие нова шанса повторно да полета слободно.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

