10 април 2026
• од Гоце Кически
Во време на зголемени глобални безбедносни тензии, заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за Рацин.мк испрати јасна порака: Алијансата е „будна“, подготвена да реагира и активно ја штити безбедноста на сите свои членки, вклучително и Северна Македонија.
Шекеринска откри дека НАТО успешно пресретнал балистички ракети насочени кон Турција во четири одделни случаи, нагласувајќи ја оперативната подготвеност на Алијансата во услови на нестабилност на Блискиот Исток.
„Нашите сили остануваат будни, а распоредот на трупите постојано се прилагодува за да се гарантира безбедноста на сите сојузници“, изјави таа, додавајќи дека НАТО внимателно ја следи ситуацијата и одржува постојана комуникација со партнерите.
Според Шекеринска, членството во НАТО донело конкретни придобивки за Северна Македонија, не само во формална смисла, туку и во секојдневната безбедност.
Таа посочи дека воздушниот простор на земјата се обезбедува од сојузнички сили, додека македонските војници активно учествуваат во мисии во Бугарија, Латвија и Косово, вклучително и во КФОР.
„Денес Северна Македонија не е само корисник на безбедност, туку и нејзин извозник“, истакна Шекеринска.
Во интервјуто се нагласува и потребата од поголеми инвестиции во одбраната. Северна Македонија веќе издвојува над 2% од БДП за одбрана, но според новите договори во рамките на Алијансата, земјите членки треба да се стремат кон 5% до 2035 година.
Ова, според Шекеринска, е клучно за одржување на кредибилна одбрана и одвраќање на потенцијални закани.
Западен Балкан и понатаму е регион од стратешко значење за НАТО. Шекеринска предупреди дека постојат актери кои се обидуваат да го нарушат постигнатиот напредок.
„Никогаш не смееме да дозволиме мирот да биде загрозен“, нагласи таа, потсетувајќи на долгогодишната улога на Алијансата во одржувањето стабилност во регионот.
Осврнувајќи се на секојдневниот живот на граѓаните, Шекеринска порача дека безбедноста е основа на сите други општествени вредности, но не доаѓа сама по себе.
„Слободата не е бесплатна. Мора да инвестираме во безбедноста за да го заштитиме нашиот начин на живот“, истакна таа.
Со ова интервју, Шекеринска испраќа сигнал дека, и покрај глобалните предизвици – од војната во Украина до тензиите на Блискиот Исток – НАТО останува клучен гарант за стабилноста, додека Северна Македонија сè повеќе ја зацврстува својата улога како активен и одговорен сојузник.
Албански експерт: Без Албанците, Северна Македонија ќе се распадне за 24 часа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

