03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на Конференцијата за безбедност во Осло испрати јасна порака: трансатлантските односи не се даденост, туку резултат на политичка волја, заеднички интереси и постојана, трпелива работа. Во време на зголемени безбедносни закани, од Украина до Арктикот, таа нагласи дека Алијансата влегува во фаза на историско засилување на одбранбените капацитети, индустриското производство и поддршката за Киев.
Шекеринска го отвори обраќањето со лична нота, потсетувајќи се на своето прво доаѓање во Норвешка како студентка, учесник во програма на островот Утоја. Токму таму, рече таа, се зацврстило нејзиното уверување дека политиката може да биде благородна професија ако се темели на солидарност и заеднички решенија.
„Често велам дека токму поради Норвешка решив активно да се посветам на политиката – и во добри и во лоши денови им благодарам, но и ги ‘обвинувам’ за тоа“, изјави таа со доза хумор.
Говорејќи од перспектива на НАТО, Шекеринска истакна дека Алијансата веќе 75 години ја исполнува својата клучна цел – безбедност за една милијарда луѓе. Денес, рече таа, постои јасен консензус околу три приоритети:
Таа потсети на историската одлука од Самитот во Хаг, каде сите 32 сојузници се согласија да се движат кон цел од 5% од БДП за одбрана до 2035 година – нешто што пред само една година изгледало нереално, дури и во однос на претходната цел од 2%.
„Она што го научивме од Украина е дека индустријата, темпото на производство и иновациите се подеднакво важни како и политичката волја и воената моќ“, нагласи таа.
Шекеринска повеќепати ја посочи Норвешка како пример за сеопфатна поддршка на Украина – политичка, хуманитарна, енергетска и воена. Таа истакна дека норвешката улога во финансирањето на итните украински потреби за муниција и противвоздушна одбрана „спасува животи и на фронтот и во украинските градови“.
Еден од најважните делови од нејзиниот говор беше посветен на Арктикот. Според Шекеринска, благодарение на информации од сојузници како Норвешка, НАТО увидел зголемено руско воено присуство во регионот: повторно активирани бази, нови пристаништа, тестирање ново оружје.
„Седум од осумте арктички држави се членки на НАТО. Ова е наш двор. Не станува збор за регионален, туку за заеднички сојузнички интерес“, рече таа.
Таа потсети и на новиот центар во Бодо, како и на засилените воени вежби во арктички услови како дел од новото стратешко позиционирање на Алијансата.
Во дискусијата со модераторката Кејт Хансен Бундт, се отвори прашањето за тензиите предизвикани од реториката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кон европските сојузници и Канада.
Шекеринска одговори дека основата на секој сојуз се и заканата и довербата.
„Со децении Европејците се навикнаа САД да го носат најголемиот товар. Тоа создаде фрустрација во многу американски администрации. Сега пристапуваме прагматично – со поголема европска одговорност се гради и поголема доверба“, рече таа.
Таа направи разлика меѓу споделување на товарот и пренасочување на товарот, нагласувајќи дека европските сојузници и Канада се подготвени да преземат водечка улога во конвенционалното одвраќање, не со намалување на американското присуство, туку со зголемување на сопствените капацитети.
Клучот, според неа, е предвидливоста кон одбранбената индустрија, која мора да биде уверена дека зголемените буџети нема да бидат привремена реакција, туку долгорочна стратегија – дури и по завршување на војната во Украина.
Говорејќи за претстојниот Самит во Анкара, Шекеринска истакна дека фокусот нема да биде на нови приоритети, туку на имплементација на веќе преземените обврски од Хаг:
„Овие обврски се силни колку што се силни нашите годишни буџетски одлуки. Ако не ги следиме, тие стануваат ранливост“, предупреди таа.
Шекеринска ја заврши својата порака со оценка дека врската меѓу Европа и Северна Америка останува „единствената победничка формула“ за безбедност во сè понепредвидлив свет.
Според последните анкети во Алијансата, 81% од граѓаните на земјите-членки ја сметаат трансатлантската врска за клучна за нивната безбедност – очекување што, како што рече, лидерите мора да го оправдаат со конкретни дела.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

