Шабан Салиу: Случајот „Пулс“ – Огледало на системската дискриминација кон Ромите
Шабан Салиу, остро реагира на обвинението покренато против него во врска со трагичниот настан што неодамна се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во изјава до јавноста, Салиу го нарекува случајот пример за длабоко вкоренета дискриминација и некомпетентност во македонскиот правосуден систем.
Случајот се однесува на кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, а обвинението се темели на околности од неговиот мандат што завршил пред речиси девет години – на 3 август 2017 година. Според него, апсурдно е да се покрене одговорност по толку долга временска дистанца, особено кога трагедијата се случила во 2025 година. Тој прашува: дали навремен инспекциски надзор извршен девет години по неговото заминување би можел да спречи трагедија?
„Дали македонскиот правосуден систем свесно создава нови жртви, затвора без докази, уништува семејства?“, прашува Салиу. И додава дека последната информација – дека двајца Македонци се ослободени, а тој, како што вели, „единствениот Циган без докази“, е зад решетки – е понижувачка не само за него, туку и за целата ромска заедница.
Салиу ја истакнува својата лојалност кон државата, како коалиционен партнер на власта и застапник на ромските права, посочувајќи дека секогаш ја претставувал Македонија во најдобро светло пред меѓународната јавност. Но денес, вели тој, и самата ромска заедница се прашува дали навистина постои еднаквост за сите граѓани.
„Голем правен аматеризам, голем срам за македонскиот правосуден систем“, рече Салиу, додавајќи дека селективната правда и медиумската сензационалност во прикажувањето на Ромите само ја продлабочуваат дискриминацијата.
Тој посебно ја потенцира улогата на медиумите кои, според него, секогаш се брзи да известуваат кога Ромите се поврзани со криминал, но молчат кога тие постигнуваат успех.
„Ова е срам за држава што сака да стане дел од Европската Унија“, вели тој, заклучувајќи дека не се работи само за лична неправда, туку за системски антициганизам кој мора да се разобличи.
„Нè чека тешка борба“, предупредува Салиу. „Но Ромите се горд, мирољубив и лојален народ – не само во Македонија, туку низ целиот свет.“