македонија08 октомври 2024 Се зголемува цената за престој во градинките во Карпош за 510 денари
Се зголемува цената за згрижување и престој во градинките на територија на Општина Карпош, односно родителите наместо досегашните 1 490 денари ќе плаќаат 2 000 денари. Ова беше одлучено на денешната седница на општинскиот Совет на која беше изгласан ребалансот на буџетот на Општината.
„Меѓу советниците конечно беше постигнат потребниот консензус околу предлогот за зголемување на цените за згрижување и престој на дечињата во предучилишните установи на територија на Карпош. Имено, досега месечната претплата изнесуваше 1 490 денари, а отсега за целодневен месечен престој за дете до 6-годишна возраст ќе се плаќа 2 000 денари, а истиот месечен надомест ќе изнесува и за престој и исхрана на дете од 6 до 10-годишна возраст“,
информираа од Општина Карпош на официјалната фејсбук-страница.
Ваквата корекција на месечната партиципација во градинките, како што додаваат оттаму, била направена поради зголемените режиски трошоци и континуираниот пораст на цените на прехранбените производи. Од Општина Карпош нагласуваат дека зголемената цена ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите.