31 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Македонските матуранти се подготвуваат за јунската државна матура, а веќе во јули и август, оние кои планираат да го продолжат образованието, ќе мора да ја донесат својата конечна одлука. За многумина, првиот предизвик е изборот – дали да останат на некој од домашните универзитети, најчесто во Скопје или Штип, или да се обидат да ги преминат границите и да студираат во странство.
Во последните години, сè поизразен е трендот на заминување на студии во соседна Бугарија. Минатата, 2025 година, ниту еден македонски универзитет повторно не се најде на престижната Шангајска листа, што дополнително ги поттикнува дилемите кај младите за квалитетот на домашното образование.
Еден од најчестите избори е Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград, кој се наоѓа на околу 100 километри од повеќе погранични градови како Крива Паланка, Делчево, Берово, Пехчево и Струмица. Близината, но и практичните придобивки, го прават овој универзитет особено атрактивен.
Иако некои студенти не сакаат јавно да зборуваат за својот избор поради стереотипите во помалите средини, нивните искуства се слични: студирањето во Бугарија го доживуваат како поквалитетно, поорганизирано и поисплатливо.
Клучните причини кои ги наведуваат се: европски призната диплома, достапност на професорите, стипендии, можности за платена пракса, студентски размени и подобра поврзаност со пазарот на труд. Дополнително, студентите бесплатно го учат бугарскиот јазик, што ја олеснува интеграцијата.
„Студирањето овде е достоинствено и исплатливо ако си вреден и посветен“, вели студент од Делчево кој е при крај со студиите по информатика. Тој додава дека со години добивал стипендија и работел во САД преку студентски програми, а во иднина планира да се врати во Македонија и да инвестира во ИТ-секторот.
Слично искуство споделува и Андријана Алексовска од Крива Паланка, која дипломирала на насоката Информациски системи и технологии. Таа нагласува дека професорите биле лесно достапни, а наставата силно ориентирана кон практична работа.
„Имавме многу практични задачи – изработка на веб-страници, дизајн, проекти. Професорите нè мотивираа, а администрацијата функционираше брзо и ефикасно“, вели таа.
Особено значајни за студентите се стипендиите, кои се движат од 70 до 100 евра месечно, како и можностите за платена пракса. Преку програмата Еразмус+, студентите имаат можност да стекнат искуство во странство и да воспостават контакти со потенцијални работодавачи.
Младата студентка Ева Николова, која студира филмска и телевизиска режија, вели дека изборот бил комбинација од повеќе фактори: квалитетот на образованието, меѓународната признаеност на дипломите и можностите за личен развој.
„Не постои апсолутно подобра опција – изборот зависи од личните цели. Но, студирањето во странство нуди пошироки перспективи“, истакнува таа.
Професорката Ирена Теодора Весевска од Универзитет Св. Кирил и Методиј оценува дека трендот на студирање во странство е веќе јасно изразен и резултат на подолг процес на информирање.
„Младите денес носат стратешки одлуки. Тие бараат систем што функционира предвидливо, со јасни правила и перспектива по дипломирањето“, вели таа.
Според неа, една од клучните разлики е поврзаноста на универзитетите со пазарот на труд, како и подобрата организација, инфраструктура и дигитална поддршка во странство. Во Македонија, додава, не недостасува квалитетен кадар, туку системска поддршка.
Истражувањето „Млади, миграции, образование“ од 2023 година покажува дека бројот на студенти кои заминуваат во странство е речиси дуплиран, при што околу 21% од матурантите од неколку региони избираат студии надвор од земјата. Бугарија и Словенија се меѓу најатрактивните дестинации.
Од Министерство за образование и наука велат дека немаат прецизни податоци за бројот на студенти во странство, но нагласуваат дека работат на реформи – нов Закон за високо образование, подобрување на студентскиот стандард и реконструкција на студентските домови.
Сепак, професорката Весевска предупредува дека без суштински, а не козметички реформи, тешко дека ќе се запре одливот на студенти.
„Студентите мора да имаат чувство дека образованието води кон конкретни можности. Кога таа врска е нејасна, логично е да бараат подобри системи“, заклучува таа.
Токму оваа комбинација – практична ориентација, финансиска поддршка и јасна перспектива – ја прави Бугарија сè попривлечна дестинација за македонските студенти.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

