Се подобрува здравствената состојба на Панчо од ДНК: Лузните на душата остануваат трајни
Состојбата на Владимир Блажев – Панчо, член на музичкото дуо ДНК, кој веќе речиси два месеца е хоспитализиран по трагичниот пожар во Кочани, секојдневно се подобрува. Близок соработник на музичарот за „Фокус“ изјави дека постои надеж тој наскоро да биде пуштен на домашно лекување.
– Физичките рани ќе заздрават, но душата на Панчо, и на сите кои изгубија свои блиски во пожарот, вечно ќе им гори – изјави соговорникот, потенцирајќи ја длабоката емотивна болка која трагедијата ја остави зад себе.
Тој додаде дека никој не можел ни да претпостави дека ќе се случи ваков настан, кој засекогаш ќе остави траги кај сите засегнати.
И покрај тешките последици и долгото закрепнување, надежта и поддршката од семејството, пријателите и обожавателите му даваат сила на Панчо во борбата за целосно опоравување. Пожарот кој го однесе животот на неколку луѓе, остави трајни последици во заедницата, но и покрај сето тоа, животот мора да продолжи, со сеќавање и почит кон оние кои повеќе не се со нас.
Соработникот изрази благодарност за поддршката од јавноста и апелираше за сочувство и солидарност во овие тешки моменти.