16 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ обвини дека притисокот за смена на Јавниот обвинител е дел од пошироко сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски за целосно преземање и партизација на судството и обвинителството во државата.
Според СДСМ, станува збор за обид за воспоставување обвинител и судии под директна контрола на Мицкоски и ДПМНЕ, што, како што велат, претставува „целосна окупација на правдата“ и враќање на практиките од минатото, вклучително и таканаречените „тефтерчиња“.
Од СДСМ посочуваат дека веќе се направени конкретни чекори во насока на партизација на правосудниот систем. Како пример, ја наведуваат одлуката сопруга на градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да биде назначена за член на Судскиот совет, како и поставувањето, како што велат, „партиски кадар“ во Советот на јавни обвинители.
„Сценариото е исто како во времето на Никола Груевски, а денес се спроведува и по моделот што Александар Вучиќ го применува во Србија“, се вели во соопштението на СДСМ.
СДСМ укажува дека токму денеска во српското Собрание започнала расправа за реформи во Уставниот суд, кои, според нив, не се суштински реформи, туку поставување инсталации на власта – процес кој, како што тврдат, се случува и во Македонија.
„Сè е диригирано и синхронизирано. Copy-paste“, оценуваат од партијата.
Опозицијата тврди дека власта е под силен притисок поради секојдневните објави на Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ), кој, според нив, разоткрива корупциски скандали и местење тендери преку кои се извлекуваат милиони евра од џебовите на граѓаните.
„Од власта нема никаква реакција. Сè е поклопено“, велат од СДСМ, обвинувајќи за политички прогон, измислени кривични пријави, лажни вести, манипулации и злоупотреба на институциите.
Во тој контекст, СДСМ ја спомнува и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, за која тврдат дека била пуштена за да служи како алатка во политичка кампања.
СДСМ оценува дека државата се соочува со „Режим 2.0“ и порачува дека, како што велат, обидите за заробување на институциите нема да поминат.
„Народот ве чека за да ви каже крај. Нема да се спасите – сите ќе одговарате“, порачуваат од СДСМ.
ОЈО Скопје отвори предмет за „Зимзоленд“: Се испитува можна општа опасност
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

