16 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со остра реакција на работењето на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека транспарентноста на институциите е сериозно намалена, а демократските процеси назадуваат.
Според најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации, транспарентноста на министерствата и Владата бележи тренд на опаѓање. Додека минатата година таа изнесувала 86%, годинава се намалила на 84%.
Кај општините нема забележано напредок – нивото на активна транспарентност останува на 79%, исто како и лани. Загрижувачки е и фактот што 44% од опфатените институции ја влошиле својата транспарентност.
Истражувањето дополнително открива дека најмалку информации се објавуваат за финансиите. Министерствата објавуваат само 58% од можните податоци, а општините 59% од максималните 100%.
„Отчетноста и транспарентноста се непозната категорија за ВМРО-ДПМНЕ. Тие се научени да ја гушат транспарентноста и да пласираат лажни вести“, стои во реакцијата на СДСМ.
Според социјалдемократите, Владата со оваа политика ги затвора институциите за граѓаните и крие информации кои треба да бидат јавно достапни.
„Со ваквото однесување, власта свесно ги злоупотребува институциите – на што СДСМ повеќе од една година апелира и за што изнесува факти“, порачаа од партијата.
СДСМ предупредува дека со овој тренд, Македонија ризикува да се врати во времето кога, како што велат, „никој ништо не смееше да знае и никој ништо не можеше да види за работењето на владата“.
Од партијата потсетуваат дека за време на нивното владеење биле воспоставени принципи на отчетност и транспарентност на сите нивоа – вредности кои, според нив, никогаш не биле и нема да бидат препознатливи за ВМРО-ДПМНЕ и за нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
Бугарија – успешна приказна за економска интеграција и раст во Европската унија
Се проверува одговорноста за дозволата за складиште за отпад во Трубарево
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден