03 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Ленче Ристовска е елиминирана затоа што на власта ѝ беше потребен обвинител под нејзина контрола, истакна портпаролката и член на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска.
На денешната прес-конференција пред Јавното обвинителство, Кузеска посочи дека новиот јавен обвинител, Ненад Савески, ги исполнува задачите делегирани од Христијан Мицкоски, а една од нив, како што рече, е токму елиминирањето на Ленче Ристовска.
„Ја елиминираа Ленче Ристовска, независен и признат професионалец, која соработуваше и со Eurojust, и беше принудена да си замине. Претходно ја отфрлија нејзината претставка за политички притисок од страна на Мицкоски, кој јавно на телевизија ја навредуваше, а потоа и ја отстранија“, рече Кузеска.
Таа додаде дека и одземањето на предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ од Ристовска е уште еден доказ дека новиот обвинител постапува по политички нарачки.
„Савески ѝ ги одзеде предметите ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’, кои се однесуваат на нелегално партиско финансирање и незаконски стекнат имот. Станува збор за класична операција, по нарачка на Мицкоски, за спас на криминалниот имот на ВМРО-ОКГ. Ете зошто на власта ѝ требаше обвинител под нејзина контрола – за заштита на криминалот во врвот на власта“, нагласи Кузеска.
Според неа, правдата во Македонија е целосно погребана. Таа посочи дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширок модел на, како што рече, елиминирање на обвинители кои воделе предмети против лица блиски до власта и нивна замена со партиски подобни кадри.
„Наместо независно судство и обвинителство, денес имаме целосно партизирани институции под контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, заклучи Кузеска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

