09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Со денешниот, како што го нарекуваат од СДСМ, „таканаречен договор“ меѓу Владата и синдикатот УПОЗ, уште еднаш се потврдува дека Владата на Мицкоски нема вистинска намера да ја зголеми минималната плата на 600 евра и да одговори на реалните потреби на работниците.
Од опозициската партија посочуваат дека договорот се однесува на многу ограничен број вработени – околу 10.000 административни службеници – при што целосно се изоставени останатите јавни службеници, вработените во државните акционерски друштва, како и огромен дел од работниците во приватниот сектор.
По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници, според СДСМ, живеат во исклучително тешки услови. Дополнителен притисок врз нивниот животен стандард е драстичното зголемување на вредноста на синдикалната кошница, која достигна 66.000 денари.
Критиките од СДСМ се насочени и кон динамиката на најавените покачувања. Според нив, минимално зголемување на платите во период од две години не е решение, бидејќи работниците имаат потреба од повисоки примања веднаш, уште оваа година.
Особено загрижувачки, како што наведуваат, е податокот дека околу 200.000 работници во моментов земаат плата под 30.000 денари, што директно ја продлабочува сиромаштијата и го засилува трендот на иселување на младите и квалификувани луѓе од државата.
Од СДСМ потенцираат дека минималната плата мора да се зголеми за сите вработени – и во јавниот и во приватниот сектор, во компаниите, фабриките и конфекциите – без селективни решенија кои опфаќаат само мал број луѓе.
Партијата го нуди своето решение како реално и одржливо. Со него, минималната плата би се зголемила за 50 отсто, односно за 12.000 денари, и тоа веднаш. За реализација на оваа мерка, според СДСМ, потребен е ребаланс на Буџетот и кратење на, како што велат, луксузните трошоци на власта – службени возила, мебел, патувања и кабинети. На тој начин би се обезбедиле околу 200 милиони евра, доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
„Власта го избра својот луксуз пред животните, егзистенцијални потреби на работниците“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека Владата на Мицкоски уште еднаш ги изиграла работниците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

