29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагира на, како што ги нарекува, сензационалистичките и лажни наслови што во изминатите денови доаѓаат од медиумскиот простор поврзан со ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како класичен жолт печат и свесен обид за дефокус на јавноста.
Од СДСМ велат дека доколку кај нив работел медиумскиот центар на ВМРО, нивното соопштение би носело наслов од типот: „Мицкоски има виза за Британија и гради зграда од 45 ката во Белизе“. Но, нагласуваат дека таков пристап не е нивна практика, бидејќи во партијата, како што велат, работат пристојни и морални луѓе кои внимаваат на вистината.
„Ваквите наслови се класичен пример на манипулација – еден дел вистина, другиот целосна лага“, се наведува во реакцијата.
СДСМ посочува дека во само еден ден биле објавени над 40 текстови на портали блиски до ВМРО, а темата била дополнително обработувана и на телевизија, со тврдења дека Венко Филипче поседува „златна виза“.
„Станува збор за чист дефокус“, велат од партијата, наведувајќи дека вистинската цел е да се тргне вниманието од обвинувањата за координирани активности со цел дестабилизација на СДСМ преку лица кои лажно се претставуваат како новинари.
Во обид да ја разјаснат ситуацијата, од СДСМ појаснуваат дека визата претставува административен документ – печат или налепница во пасош – со кој се овозможува влез или престој во друга држава, и дека секој граѓанин може самостојно да ги провери овие информации на официјалните веб-страници на амбасадите.
Партијата категорично ги отфрла тврдењата дека д-р Венко Филипче е вклучен во градежни проекти или дека гради облакодери во странство, нагласувајќи дека тој е лекар по професија и не се занимава со ваков тип активности. Дополнително се демантираат и шпекулациите за наводна соработка со Зоран Заев, кој, според СДСМ, веќе пет години е надвор од активната политика.
„Токму поради вакви лажни вести не сакаме да трошиме енергија на измислени глупости“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека нивниот фокус е насочен кон разоткривање на криминално-коруптивните шеми на ВМРО, прашањето за ‘мигранти за пари’ и спорните тендери.
Во пресрет на најавените избори, од партијата истакнуваат дека граѓаните ќе се соочат со јасен избор: Македонија во изолација или европска, демократска и просперитетна држава.
„СДСМ има една цел – власта да ја врати во рацете на народот и да изгради систем, а не култ кон поединци“, се наведува во соопштението.
На крајот, од партијата порачуваат дека борбата продолжува и дека нема да се откажат од визијата за подобра иднина, во која младите ќе остануваат во државата, ќе создаваат семејства и ќе работат во нормално и правично општество.
„Борбата трае. Нема да застанеме“, порачуваат од СДСМ.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

