СДСМ со реакција: Четири недели по трагедијата во Кочани – зошто сè уште нема проширување на истрагата?
СДСМ денеска упати остра реакција по повод речиси еден месец од трагедијата во Кочани, посочувајќи дека јавноста сè уште чека одговори, а истрагата стагнира без видлив напредок. Партијата обвинува дека истрагата не ги опфаќа клучните прашања: кој сноси одговорност за пожарот во клубот „Пулс“ и кој дозволил сериозните безбедносни пропусти што довеле до фатални последици.
И покрај најавите, СДСМ посочува дека сè уште не е преземен ниту еден чекор кон проширување на истрагата, ниту пак е повикано на одговорност било кое лице од Министерството за внатрешни работи, ОВР Кочани, СВР Штип или Бирото за јавна безбедност – иако токму тие институции биле на клучни позиции на денот на трагедијата, 16 март.
„Зошто нема проширување на истрагата иако беше најавено? Зошто ниту еден актуелен функционер кој бил на одговорна позиција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата порачува дека не смее да има заштитени, ниту селективна правда. „Одговорност мора да има – без разлика на функцијата или позицијата. Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства.“
СДСМ истакнува дека семејствата на жртвите имаат право да добијат одговори, а тие одговори мора да донесат конкретна одговорност – на сите нивоа, без исклучок.
„СДСМ останува цврсто на ставот: мора да има целосна, транспарентна и неселективна истрага. Правдата за Кочани мора да победи. Таа правда мора да биде недвосмислена, видлива и целосна“, стои во соопштението на партијата.