16 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
СДСМ излезе со соопштение во кое тврди дека се потврдуваат нивните најави од пред еден месец за формирање на ново политичко движење, за кое велат дека претставува уште една „сателит-партија“ во режија на ВМРО-ДПМНЕ, под името „Српска демократска лига“.
Според партијата, станува збор за политички проект чија цел е дополнително раздробување на опозициските гласови и создавање контролирана опозиција на политичката сцена.
Во соопштението се наведува дека проектот Движење ЗНАМ, кој според СДСМ бил креиран како алатка за одземање гласови од нивната партија, веќе е „целосно маргинализиран“ и се соочува со внатрешни поделби.
Оттаму тврдат дека улогата на ЗНАМ во моментов е сведена на поддршка на законски решенија по налог на ВМРО-ДПМНЕ, со што, како што велат, се обезбедува легитимитет на „тендерската коалиција“ и наводни криминални зделки.
СДСМ оценува дека, по „исцрпувањето на употребната вредност“ на ЗНАМ, владејачката партија преминува кон нов политички проект.
Во партиското соопштение се наведува дека новата формација се формира по модел преземен од српската политичка сцена, конкретно од Српска напредна странка, предводена од Александар Вучиќ.
Според СДСМ, станува збор за „copy-paste“ стратегија со која се создава контролирана опозиција и се збунуваат гласачите преку нови политички субјекти со слична реторика и наратив.
Новата „Српска демократска лига“, како што тврдат од СДСМ, претставува директна копија на сродни политички структури во Србија, со изразен проруски наратив и позиции што, според нив, не се во согласност со европската иднина на земјата.
Во соопштението се споменува и името на Саша Богдановиќ како можен претседател на новото движење, поради, како што се наведува, негови наводни релации со структури блиски до српската владејачка партија.
Дополнително, се споменува и Иван Стоилковиќ, за кого СДСМ тврди дека ги координира активностите во име на српски структури.
СДСМ соопшти дека располага со информации за повеќе обиди за врбување на нивни членови за приклучување кон новото движење, но тврдат дека тие обиди биле неуспешни.
Според нив, се воделе разговори и со поединци кои биле уценувани или на кои им била нудена финансиска поддршка, обезбедена од ВМРО-ДПМНЕ, со цел приклучување кон новата политичка структура.
Од партијата оценуваат дека крајната цел на овие активности е раздробување на гласовите и слабеење на, како што велат, „единствената вистинска опозиција“ – СДСМ.
Во тој контекст, тие ги поврзуваат и, како што наведуваат, постојаните напади и црни кампањи против нивната партија со обидите за создавање нови политички субјекти.
„СДСМ нема да дозволи сценарија на контролирана опозиција и политички инженеринг по туѓи модели“, се наведува во соопштението.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

