СДСМ обвинува: Истрагата за трагедијата во Кочани е селективна, се штитат директно одговорните
Во остро соопштение до јавноста, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвини дека истрагата за трагичниот настан во Кочани се води на селективен и политички мотивиран начин, со цел заштита на актуелните функционери и префрлање на одговорноста на поранешни службеници.
Од партијата велат дека додека граѓаните секојдневно излегуваат на протести барајќи вистинска и неселективна правда, Владата предводена од техничкиот премиер Тошковски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, прави сѐ за да ја дефокусира јавноста и да ги заштити „своите луѓе“.
„Истрагата се претвори во класичен политички театар во режија на ДПМНЕ. Наместо да се истражат директните пропусти вечерта на трагедијата – како тоа што полицијата не реагирала, не го затворила објектот и дозволила присуство на малолетни и пиротехнички средства – се отвора мега-процес кој оди десет години наназад“, се наведува во соопштението.
СДСМ предупредува дека со создавање на ваков „вештачки надуен“ случај, се гради лажен наратив на одлучност во борбата против криминалот, а вистинските виновници остануваат недопрени. „Таквиот пристап не само што ја поткопува правната држава, туку и неправедно ги става под удар лица кои евентуално имаат институционални слабости, но не и директна вина“, појаснуваат од партијата.
Според СДСМ, фактот што началниците и командирите што имале директна обврска да реагираат вечерта на трагедијата сѐ уште не се предмет на истрага, е доказ за политичка заштита и прикривање на одговорноста. „Владата сака јавноста да заборави дека полицијата била таму и не направила ништо“, велат од партијата.
Дополнително, СДСМ посочува дека со ваквиот пристап се доведуваат во прашање и самите правни постапки, што претставува дополнителен товар за обвинителството и судството.
Партијата бара итно проширување на истрагата кон актуелните функционери кои биле директно одговорни за безбедносната ситуација вечерта на трагедијата, како и итен прекин на политичката злоупотреба на институциите и обвинителството.
„СДСМ стои на страната на вистината, на страната на семејствата на жртвите и на јавноста што заслужува правичност, а не политички спинови. Вистинската одговорност мора да се лоцира таму каде што навистина е – кај тие што беа на власт кога се случи трагедијата“, завршува соопштението.