СДСМ: Надворешната политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ – целосен дебакл
Со остри критики кон Владата на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија СДСМ денеска обвини за целосен неуспех на полето на надворешната политика, нарекувајќи ја сегашната дипломатска состојба „дебакл без преседан“.
Во соопштението, СДСМ оцени дека по речиси една година од изборите и мандатот на Владата, ниту едно ветување за подобрување на меѓународната позиција на државата не е исполнето. Наместо напредок во евроинтеграциите и нови меѓународни успеси, земјата се соочува со застој и маргинализација.
„Македонија има полоша меѓународна позиција од кога било. Нема нова и подобра преговарачка рамка со ЕУ, а европскиот пат е блокиран,“ наведува СДСМ, споредувајќи ја сегашната состојба со времето кога, како што велат, Македонија напредувала под нивно водство.
СДСМ посочува дека земјата заостанува зад Албанија, Црна Гора и дури Молдавија, која го зазела местото на Македонија на патот кон ЕУ. Според опозициската партија, дипломатската активност е сведена на бирократија и импровизација без стратегија и визија.
Партијата го обвини министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека нема ниту еден конкретен резултат во првата година од мандатот и дека единствено што направил е партизација на дипломатијата преку смена на амбасадори и назначување на партиски кадри.
Како особено сериозен пропуст, СДСМ ја посочи непополнетоста на амбасадорските места во клучни земји: Франција, Италија, Белгија, Данска, Романија, Унгарија, Естонија, како и претставништвата во НАТО, Женева и Њујорк. Воедно, земјата нема генерални конзули во важни дипломатски центри како Солун, Мелбурн, Детроит и Торонто.
„Ова е дипломатски срам. Владата не знае каде тера, а премиерот Мицкоски, иако патуваше во САД, се врати со фотографии од лобија, без никаков реален резултат,“ стои во реакцијата.
На крајот, СДСМ потсети дека токму нивната влада ја доведе Македонија најблиску до членство во ЕУ и порача дека ќе продолжат да се борат за отворање на поглавјата, за силна надворешна политика и за рамноправна позиција на Македонија во НАТО и ЕУ.