23 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ на денешна прес-конференција го проблематизираше изборот на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Србија, отворајќи прашања за неговите ставови и минато.
Портпаролката Богданка Кузеска информираше дека Адамовиќ пред околу еден месец ја добил егзекватурата од српското Министерство за надворешни работи, при што беше презентирана и фотографија од настанот. Таа посочи на негова објава од 2012 година на социјалната мрежа „Икс“, во која напишал дека „српска Македонија е окупирана“, оценувајќи дека таквиот став е несоодветен за лице што треба да ја претставува државата.
Според СДСМ, Адамовиќ е висок функционер на Српска напредна странка (СНС), која ја нарекоа сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, и близок со српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој бил член на Извршниот одбор на СНС, координатор за Срем и координатор за Јужен Банат.
Кузеска изнесе и низа обвинувања поврзани со неговото минато. Таа посочи дека во 2019 година поранешниот српски министер за внатрешни работи Зоран Живковиќ јавно објавил дека Адамовиќ бил дел од група што се занимавала со трговија со оружје. Дополнително, според медиумски извештаи, во 2008 година, на 24-годишна возраст, бил застрелан во нога поради наводен долг, а претходно преживеал напад со бомба во 2006 година. Според СДСМ, бил уапсен и за други кривични дела, а неговото име се поврзува со повеќе афери со криминална позадина.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Адамовиќ ги исполнува сите критериуми за дипломат и за негово поставување за почесен конзул. Оттаму тврдат дека предлогот за негово именување дошол од амбасадорот на Македонија во Белград, кој бил именуван во време на владата на СДСМ и ДУИ.
СДСМ, пак, обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја избегне одговорноста, нагласувајќи дека одлуката за именување ја носи Владата на седница. Според опозициската партија, одговорноста за изборот завршува кај извршната власт која формално одлучува кој ќе биде почесен конзул.
Опозициската партија постави и дополнителни прашања: кои се конкретните критериуми што Адамовиќ ги исполнувал, дали станува збор за политичка блискост со премиерот Христијан Мицкоски или за неговата поврзаност со СНС, како и дали македонските безбедносни служби направиле соодветна проверка пред именувањето. Од СДСМ бараат премиерот јавно да одговори зошто Владата одлучила токму Адамовиќ да биде почесен конзул во Србија и дали при носењето на одлуката биле земени предвид сите релевантни околности.
Романија се восхитува на Бугарија за новиот научен проект – за што станува збор?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

