СДСМ: ДПМНЕ продолжува со очајни лаги – ДКСК го потврди интегритетот на Венко Филипче
СДСМ денеска жестоко реагираше на, како што ги нарекува, „очајни лаги и дезинформации“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ насочени кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Според СДСМ, нападите врз Филипче се дел од старата стратегија на политички спинови и клевети, кои, според нив, повеќе немаат тежина кај јавноста.
„ДПМНЕ повторно ги врти истите стари лаги за набавката на вакцините, но овој пат во ново пакување. Станува збор за јалови напади кои само го одразуваат стравот на ВМРО-ДПМНЕ од лидерството на Венко Филипче и вистинските промени што се случуваат во СДСМ“, стои во соопштението на партијата.
СДСМ посочи и дека сите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ биле официјално демантирани од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која го затворила предметот за имотот на Филипче, утврдувајќи дека „нема никакви неправилности“.
Партијата потсети дека уште во септември минатата година, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, најавила поднесување претставка до ДКСК за наводни неправилности, но според одлуката на Комисијата, тие тврдења биле неосновани.
„Со официјалната одлука на ДКСК, лагите на ДПМНЕ се разоткриени како злонамерни и целосно неточни. Да имаше барем трошка морал, досега ќе се извинеа на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од партијата заклучуваат дека, додека СДСМ расте, се реформира и работи за иднината на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во „старите шаблони на лага и манипулација“.