20 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Со реакција на последните изборни резултати, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) порача до владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека бројките јасно покажуваат пад на нивната поддршка и дека амбиентот на политичката сцена се менува.
Во соопштението од СДСМ се наведува дека, иако резултатите не се посакувани за оваа партија, сепак се бележи стабилизација и раст во повеќе општини.
„Вкупниот број гласови покажува дека СДСМ ја намалува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, ја зголемува предноста во однос на ЗНАМ и ја задржува стабилната предност пред Левица. Ова јасно укажува дека вкупниот амбиент се менува“, стои во партиското соопштение.
Од СДСМ посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ безуспешно се обидува да прикаже „огромен триумф“, додека, според нив, бројките откриваат спротивното.
„И покрај сите притисоци, уцени, поткуп и злоупотреба на сите полуги на власта, ВМРО-ДПМНЕ изгуби речиси 140.000 гласа од минатогодишните избори. Со тоа партијата падна дури и под резултатот од 2021 година. Заедно со ЗНАМ, владејачките партии изгубија над 155.000 гласови“, се вели во реакцијата.
СДСМ најавува дека ќе продолжи со активности за консолидација на партијата и борба за победа во повеќе општини во вториот круг.
„Имаме солидни резултати во повеќе општини, но и места каде што мора да се работи за зголемување на поддршката. На овие избори имаше низа независни кандидати и листи кои, пред сè, одземаа гласови од опозицијата“, наведуваат од партијата.
Според СДСМ, во вториот круг ќе се зголеми коалицискиот капацитет на опозициските партии:
„Коалицијата на СДСМ со граѓаните и со другите партии од опозицијата допрва ќе расте.“
Од СДСМ упатија порака до ВМРО-ДПМНЕ да се соочи со реалноста наместо, како што велат, „да бара оставки и да се занимава со СДСМ“.
„Нека се соочат со фактот дека нивните политики во изминатата година се катастрофални, а падот на гласови се должи токму на тоа“, додаваат од опозициската партија.
На крајот, СДСМ најавува продолжување на кампањата и упатува повик до своите членови и гласачи на други опозициски кандидати:
„Ги повикуваме сите наши членови и граѓаните кои гласаа за други кандидати што не влегоа во вториот круг, масовно да ја дадат поддршката за нашите кандидати.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден