СДСМ: Без плата за културните работници пред Велигден – удар врз достоинството на уметниците
Само три дена пред најголемиот христијански празник Велигден, вработените во културата сè уште не ја добиле својата плата за месец март – алармира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Исплатата не е само административна процедура, туку прашање на почит, достоинство и човечност, особено во овие празнични денови кога семејствата се собираат, а духовните вредности се во центарот на вниманието.
Како што посочуваат од партијата, неисплатата на платата, токму на Велики четврток – денот на смирение, е симболичен доказ за институционалната рамнодушност. „Ова е директен удар врз оние кои ја негуваат и развиваат нашата култура, кои ја создаваат уметноста и го чуваат духовното наследство на нацијата“, стои во соопштението на СДСМ.
Партијата директно ја посочува одговорноста на актуелниот министер за култура, Зоран Љутков. „Потфрли како министер, но уште полошо, потфрли како човек кој доаѓа од светот на културата. Некогаш сам на сцена, денес рамнодушен кон сопствените колеги“, велат од СДСМ, изразувајќи длабока разочараност од недостигот на емпатија и одговорност од страна на министерот.
СДСМ подвлекува дека културата не смее да биде ставена на маргините. Вработените во театрите, музеите, библиотеките и галериите заслужуваат сигурност, стабилност и почит, а не понижување и финансиска неизвесност.
„Оваа ситуација не смее да стане нова нормалност. Време е некој конечно да понесе одговорност“, се наведува на крајот од реакцијата на СДСМ.
Со овој апел, партијата испраќа јасна порака – културата не е луксуз, туку основа на националниот идентитет и мора да биде третирана со сериозност и почит.