СДСМ бара одговори зошто четири недели по трагедијата во Кочани сè уште нема проширување на истрагата
Четири недели по големата трагедија во Кочани, опозициската партија СДСМ повикува на итно проширување на истрагата, посочувајќи дека институциите досега немаат дадено конкретни одговори за одговорноста за пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ и за безбедносните пропусти што се случиле на денот на трагедијата.
Во соопштението, СДСМ истакнува дека без оглед на најавите, досега не е преземен ниту еден чекор за проширување на истрагата. Партијата нагласува дека не е поведена никаква постапка против лица од Министерството за внатрешни работи (МВР), ниту пак против раководни структури од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ, кои на 16 март биле на одговорни позиции.
„Зошто нема проширување на истрагата, иако беше најавено, и зошто ниту еден актуелен функционер којшто бил на функција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит?“ – прашуваат од СДСМ, дополнувајќи дека не смее да има заштитени лица и селективно спроведување на постапката.
Од СДСМ апелираат на целосна, транспарентна и неселективна истрага и повикуваат на итна одговорност од сите нивоа, без разлика на позицијата или функцијата на одговорните лица. Според партијата, ова не е прашање поврзано со политички интереси, туку со правда, доверба во институциите и почит кон жртвите и нивните семејства.
„Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства“, стои во соопштението на опозициската партија.
СДСМ потсетува дека граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината за тоа што точно се случувало кобната ноќ во Кочани, а семејствата на загинатите заслужуваат одговори и правда. „Правдата за Кочани мора да победи“, потенцираат од партијата, додавајќи дека ваквата правда мора да биде „недвосмислена, видлива и целосна“.