31 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
С. Македонија се соочува со една од најголемите еколошки и национални катастрофи во поновата историја, алармира СДСМ преку соопштение до јавноста. Според нив, повеќе од 20% од територијата на земјата е зафатена од пожари, што ја става Македонија на неславното прво место во Европа според изгорена површина во однос на големината на државата.
„Ова не е само статистика – ова е трагедија што ја уништува природата, економијата и иднината на генерации Македонци“, предупредуваат од СДСМ, посочувајќи ја актуелната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски како директни виновници за состојбата.
Според европските податоци, во 2024 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, во земјата изгореле 95.181 хектари шуми, пасишта и природни ресурси – осум пати повеќе од просечниот обем на пожари во последните 17 години. „Ова е последица на неспособност, негрижа и целосно отсуство на систем“, велат од СДСМ.
Тие потсетуваат дека Мицкоски ветуваше подготвеност, координација, нова опрема и ангажирање на повеќе пожарникари. Но, според СДСМ, ниту едно од тие ветувања не е исполнето: „Нема организација, нема систем, нема опрема – нема ништо.“
„Ова е пустош што ќе остави траги со децении. Илјадници хектари дрвја и зелена површина се уништени, а еколошката штета е долгорочна и непоправлива“, стои во соопштението. СДСМ бара одговорност: „Кој во власта ќе одговара за катастрофата? Кој ќе понесе одговорност за оваа негрижа што ја уништи природата на Македонија?“
Партијата повикува на итна реакција, темелна истрага и политичка, но и кривична одговорност за, како што велат, најголемата огнена трагедија во историјата на земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден