25 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Одлуката за определување куќен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој 14 месеци беше во бегство, продолжува да предизвикува силни реакции во јавноста. Иако за него претходно беше изречена активна мерка 30-дневен затворски притвор, таа беше заменета со домашен притвор само неколку часа по неговото враќање во државата.
Адвокатот Димитар Савовски во изјава за „Фокус“ оценува дека ваквата експедитивност претставува преседан во досегашната правосудна пракса.
Според Савовски, станува збор за несекојдневна ситуација во која за лице што било во долготрајно бегство и за кое со правосилно решение била определена мерка 30-дневен притвор од денот на пронаоѓање, обвинителството во рок од еден ден подготвило и доставило мислење до судот за замена на мерката со куќен притвор.
„Неспорно е дека ова е преседан во правосудната пракса“, вели Савовски, посочувајќи дека во неговото долгогодишно искуство не памети ваква брзина во постапувањето на институциите.
И покрај критиките во јавноста, Савовски смета дека доколку ова претставува промена во начинот на работа на Обвинителството, тогаш таквиот пристап треба да се поздрави – но под услов да важи подеднакво за сите граѓани.
„Доколку е ова промена на праксата во ОЈО, експедитивно и ефикасно да постапува не само во притворските предмети, туку генерално при доставување мислења до судот и во целокупното работење, ја поздравувам одлуката на обвинителот“, истакнува тој.
Според него, ваквиот пристап би имал позитивно влијание и врз идните осомничени лица, особено во случаи кога без доволно образложение се определува мерка затворски притвор. Савовски предупредува дека во пракса постојат случаи каде што лица биле осудени, меѓу другото, и поради тоа што подолго време биле во притвор, иако доказната постапка имала сериозни слабости.
Адвокатот потенцира дека јавноста треба јасно да прави разлика меѓу притвор и осуда.
„Притворот не е осуда, туку мерка за обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката“, нагласува Савовски, додавајќи дека неговата цел е да се спречи бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото, а не да претставува казна однапред.
Во однос на критиките насочени кон судијата на претходна постапка, Савовски е дециден дека тие се неосновани. Тој појаснува дека судот нема овластување да изрече построга мерка од онаа што ја предлага обвинителот.
„Dominus litis на постапката е обвинителот. Судот со решение само го санкционира барањето на обвинителот за тоа каква мерка да се изрече на осомничениот и нема овластување да се меша во таа одлука“, вели Савовски.
Според него, јавното прозивање на судијата, па дури и од страна на министерот за правда, покажува непознавање на основните принципи на кривичната постапка.
Со оваа изјава, Савовски отвора поширока дебата за еднаквоста во примената на мерките во кривичната постапка и потребата од доследна и правична пракса што ќе важи за сите граѓани, без оглед на нивниот општествен или политички статус.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

