16 октомври 2025
• од Вардарски
По само осум месеци од воведувањето на директната авионска линија меѓу Скопје и Амстердам, нискобуџетната холандско-француска авиокомпанија „Трансавиа“ објави дека ќе ги укине редовните летови. Последниот лет на оваа релација е закажан за 26 октомври 2025 година.
Линијата беше воведена на 2 март 2025 година, и тоа без финансиска поддршка или субвенции од македонскиот државен буџет — нешто ретко за нискобуџетен превозник на македонскиот пазар. Со оваа рута, за прв пат по речиси 17 години, Скопје повторно беше директно поврзано со амстердамскиот аеродром „Схипхол“. Последен пат редовни летови меѓу двата града имаше во септември 2008 година, кога престана да оперира националниот превозник МАТ.
„‘Трансавиа‘ нема да ја оперира линијата Скопје–Амстердам во претстојната летна сезона. Сепак, постојано ја разгледуваме нашата мрежа и ги оценуваме можностите врз основа на побарувачката и оперативните аспекти,“ изјави портпаролот на компанијата Ферле ван дер Бринк.
Летовите се изведуваа два пати неделно, во четврток и недела, што овозможуваше кратки викенд-патувања меѓу Македонија и Холандија.
И покрај укинувањето на линијата, Македонија и Холандија ќе останат поврзани преку летовите на „Визер“ од Скопје до Ајднховен, кои ќе продолжат да се изведуваат четири пати неделно, вклучително и во зимската сезона. Во текот на летните месеци, Амстердам ќе остане достапен и преку чартер-летовите од Охрид, организирани од туристичкиот оператор „ТУИ“.
„Трансавиа“ е втората по големина нискобуџетна авиокомпанија во Холандија, и дел од групацијата „Ер Франс–КЛМ“. Компанијата е позната по својата флексибилна стратегија и редовни промени во маршрутите во зависност од побарувачката и трошоците за одржување.
Иако укинувањето на оваа линија е разочарувачка вест за патниците од Македонија, останува можноста дека во иднина, со зголемена побарувачка или подобри услови, „Трансавиа“ би можела повторно да ја разгледа оваа дестинација.
Филипче: Оваа влада не ги решава проблемите на граѓаните, туку ги игнорира
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден