28 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Штип полека, но сигурно, ја губи својата иднина. Пет основни и четири средни училишта во градот оваа учебна година ќе работат со паралелки со драстично намален број на ученици. Советот на Општина Штип формално даде согласност на барањата на училиштата, но зад таа „административна одлука“ се крие една мрачна вистина – децата исчезнуваат.
Во прво одделение годинава се запишани само 360 првачиња, бројка која е за 35 помала од минатата година. Трендот на намалување се повторува веќе неколку години, претворајќи го некогашниот живописен детски џагор во тивки празни ходници.
Основните училишта веќе формираат комбинирани паралелки – нешто што порано се гледаше само во запоставените селски училишта. ОУ „Ванчо Прќе“ доби дозвола за вакви паралелки, а тоа значи дека ученици од различни одделенија ќе седат заедно во иста училница, слушајќи наизменично различни лекции. Ова не е напредок, туку деградација.
ОУ „Димитар Влахов“ ќе има само две паралелки за прво одделение, додека во повисоките класови бројките уште повеќе се сведуваат на минимални. Истата слика се повторува и во „Славејко Арсов“ и останатите училишта – паралелки што некогаш броеја по 30 ученици, сега едвај собираат десетина.
Советниците од опозицијата жестоко критикуваа дека наместо реални мерки за подобрување на условите во образованието, се вршат предизборни вработувања. Во момент кога училиштата се празнат, властите се грижат за партиски вработувања и статистички шминки.
Од Општината се правдаат дека училиштата биле реновирани и „подготвени“ за учениците. Но што вредат нови фасади, ако училниците зјаат празни? Што вреди боја на ѕидовите, ако нема деца што ќе ги испишат со своите соништа и надежи?
Општината со гордост најавува нова ученичка автобуска линија од ОУ „Гоце Делчев“ до селото Шашаварлија. Но вистинското прашање е: кого ќе вози автобусот утре? Ако бројките продолжат да паѓаат, наскоро нема да има деца ниту за еден полн автобус.
Штип, како и цела Македонија, се соочува со најцрната реалност – исчезнување на младите генерации. Додека властите си поигруваат со бројки и автобуски линии, граѓаните остануваат со горчливото сознание дека нивните училишта се претвораат во музеи на една изгубена иднина.
Наместо гордост, понижување: Штип празнува јубилеј на клуб со окупаторско потекло
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден