01 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Салмонела е утврдена како главен причинител за труењето со храна кај околу 120 вработени во РЕК Битола, соопшти Центарот за јавно здравје по завршените анализи спроведени во соработка со Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инцидентот се случил на 24 март, кога вработени во комбинатот консумирале оброк во мензата – лазањи со сос – по што кај голем број од нив се појавиле стомачни тегоби. Дел од засегнатите побарале лекарска помош, пријавувајќи симптоми како болки во стомакот, гадење и општа слабост.
Според резултатите од лабораториските испитувања, кај пациентите е изолирана бактеријата салмонела, што укажува на појава на салмонелоза – инфекција која најчесто се пренесува преку контаминирана храна. Кај еден од вработените дополнително е регистрирано и присуство на стафилококна бактерија.
Директорката на Заводот, Светлана Поповска-Кљусева, информира дека анализата на клиничката слика и лабораториските наоди јасно укажува на овој тип труење.
„Врз основа на анализата на клиничката слика на заболените лица и лабораториските наоди кај пациентите, состојбата укажува на појава на салмонелоза. Причинител најверојатно е бактеријата салмонела изолирана кај пациентите, која според важечките прописи за микробиолошки критериуми за безбедност на храната, не смее да биде присутна во прехранбените производи и суровините“, изјави Поповска-Кљусева.
Истражувањето покажало дека сите заболени се вработени во делот на рудникот, каде храната била дистрибуирана како спакуван оброк и консумирана со временско одложување. Ова, според здравствените власти, значително го зголемува ризикот од размножување на бактериите, особено ако храната се чува на собна температура.
Салмонелата е позната по тоа што брзо се размножува во несоодветни услови, особено во топла средина, што може да доведе до масовни труења доколку не се почитуваат стандардите за складирање и транспорт на храната.
Од друга страна, не се евидентирани случаи на труење кај вработените во термоелектраната, каде оброците се консумирале веднаш по нивната подготовка, во контролирани услови.
Надлежните институции најавија дополнителни контроли и мерки со цел да се утврдат сите пропусти и да се спречат слични случаи во иднина.
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

