С. Македонија ја поддржува иницијативата за формирање на специјален суд за злосторствата во Украина
С. Македонија се приклучи на меѓународната иницијатива предводена од Европската унија за формирање на специјален суд кој ќе го процесира кривичното дело агресија врз Украина, извршено од страна на Русија. Ова го потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој од Шведска изјави дека земјата принципиелно ја поддржува иницијативата, во согласност со нејзината посветеност кон меѓународното јавно и хуманитарно право.
„Принципиелно ја поддржуваме таа иницијатива, како и сите други што имаат цел афирмација на меѓународното право. Нашите чекори се координирани со сите стратешки партнери“, изјави Муцунски. Тој додаде дека времето ќе покаже дали иницијативата ќе ја постигне својата цел, но истакна дека овој чекор е неопходен во моменталниот геополитички контекст.
Иницијативата доби значителна поддршка на последниот министерски состанок во Лавов, на кој учествуваа Европската комисија, Советот на Европа и претставници од меѓународната коалиција на држави, меѓу кои и Македонија. Сите страни формално се согласија да го поддржат формирањето на Специјален трибунал за злосторството агресија врз Украина.
Според високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, оваа согласност е решителен чекор кон обезбедување правда за Украина. Трибуналот, кој ќе се основа под рамката на Советот на Европа, ќе овозможи пренасочување на домашните истраги на Украина до Обвинителството на новоформираниот суд.
Се предвидува судот да има 15 судии, избрани на мандат од девет години, а според проценките на ЕУ, трошоците за неговото функционирање ќе изнесуваат околу 1 милијарда евра. Пресудите ќе можат да се изрекуваат и во отсуство на обвинетите – решение кое се разгледува поради ниската веројатност за физичко присуство на обвинети како што е рускиот претседател Владимир Путин.
Специјалниот трибунал ќе работи и врз основа на доказите собрани од Меѓународниот центар за гонење на кривичното дело агресија (ICPA), кој функционира во рамките на Eurojust. Меѓу државите што ја поддржуваат иницијативата, покрај ЕУ-членките и Македонија, се и Канада, Јапонија, Австралија, Костарика и Норвешка.
Муцунски нагласи дека иако „понекогаш политиката знае да биде помоќна од правото“, Македонија останува доследна во поддршката на правдата и меѓународните правни норми.