19 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот припадник на УЧК и долгогодишен албански политички активист, Ружди Матоши, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук јавно реагираше на, како што вели, континуираното неспроведување на Законот за употреба на јазиците. Тој во своето обраќање споделува лично искуство од патувањето кон Струга, при што повторно се соочил со практичната исклученост на албанскиот јазик од јавната сигнализација.
Според Матоши, додека ги минувал километарите на автопатот – проект започнат пред повеќе од една деценија и сè уште недозавршен – неговото внимание го привлекле патоказите поставени долж трасата. Имено, имињата на градовите биле испишани само на македонски и англиски јазик, без албанска верзија, иако законот тоа јасно го налага.
„Иако законските одредби го обврзуваат секој администратор да го почитува Законот за јазиците, албанскиот јазик никаде не се применува,“ пишува Матоши.
Тој додава дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ не го изненадува, објаснувајќи дека партијата, според него, традиционално ги минимизира правата на Албанците во Северна Македонија. Но Матоши остро реагира и на негрижата на албанските политичари кои се дел од извршната власт.
Во објавата директно ги споменува Африм Гаши, Беким Ќоку, Изет Меџити и Билал Касами, за кои вели дека сигурно патуваат по истиот автопат и ги гледаат табелите на кои албанскиот јазик е игнориран, но сепак не реагираат.
„Најмалку што му должите на јавноста е да објасните зошто се донесуваат вакви одлуки против албанскиот јазик и кои мерки ги преземате,“ нагласува тој.
Матоши не го штеди ниту албанскиот опозициски блок, посочувајќи дека нивниот глас е „далеку од она што се очекува од опозиција“. Тој ги повикува опозициските пратеници да покажат активен отпор, па дури и симболично да ги испишат имињата на албански, доколку институциите не го почитуваат законот.
„Зошто сте избрани пратеници? Да имате имунитет за да го спроведувате законот,“ напиша тој.
Во завршниот дел од објавата, Матоши се осврнува и на уште еден пример за, како што вели, потиснување на албанскиот јазик – отстранувањето на опцијата „притиснете 2 за албански“ од корисничката линија на Телеком. „Сега останало само ‘Здравоооооо…’“, иронично додава тој.
Ахмети му честита на Хамза: ПДК е државотворна партија и наследничка на УЧК
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

