Рекорден број прекршоци во сообраќајот – 968 санкции за еден ден, од кои 636 за брзо возење
Во рамки на засилените сообраќајни контроли што се спроведуваат низ целата држава, полицијата вчера (11 мај 2025 година) регистрирала вкупно 968 сообраќајни прекршоци, информира Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот дел од прекршоците – 636 – се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, што повторно ја потврдува нужноста од доследна контрола на оваа појава која често води до сообраќајни несреќи.
Покрај тоа, санкционирани се 57 возачи поради неправилно паркирање, 29 лица не користеле сигурносен појас, додека 11 управувале возило користејќи мобилен телефон, што сериозно го намалува вниманието и го зголемува ризикот на патиштата.
Загрижувачки е фактот што 81 лице биле фатени без возачка дозвола, а 27 возачи управувале возило под дејство на алкохол, што е една од главните причини за тешки сообраќајни несреќи. Дополнително, четири возила се исклучени од сообраќај поради техничка неисправност, а 21 возило се движело без важечка регистрација.
Министерството најавува дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови. Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел да се зголеми безбедноста и да се создадат посигурни услови на патиштата низ државата.